Вукашин годинава ќе наполни 14 години, со што станува кадет и му претстои официјалното Државно првенство за кое вредно ќе тренира

Има тринаесет години и петпати повеќе освоени медали и пехари, тренира од четири години и е трикратен државен карате-првак во својата конкуренција, а годинава цели на четвртата титула – национален шампион. Вукашин Јовановиќ е карате-кид од Крива Паланка кој на единаесет години се искачи на балканскиот пиедестал, а сонува за учество на Светското карате-првенство.

– Кога бев мал, бев многу темпераментно и живо дете и моите родители решија да ме запишат на карате за да го потрошам вишокот енергија. Тоа беше на четири и пол години, кога првпат влегов во салата и оттогаш активно спортувам. Истата таа сала е мој втор дом, таму сум свој на своето – вели Вукашин.

Трикратен државен првак

Тој е дисциплинирано момче и за каратето зборува со многу љубов.

– Имав макотрпни тренинзи, на почетокот по неколку пати неделно, потоа, како што минуваа годините, со мојата желба и посветеност и упорноста која ми ја челичеа тренерите Жарко Ангеловски и Стевче Христовски, речиси секој ден тренирав. Така, со усовршени техники на спортот дојдоа настапите на национални и интернационални турнири, многубројни настапи во име на клубот на кои почнав да собирам медали и пехари – раскажува низ насмевка Вукашин.

Скромноста и ненаметливоста на Вуле, како што го викаат најблиските, се нешто со што плени од прв момент. Тој не зборува многу, остава делата да зборуваат за него.
Покрај турнирите што ги освојува без проблем, во државата и во соседните земји, повеќе години по ред е прв носител во својата конкуренција на национално ниво.

На првото официјално натпреварување на кое се вивнува во кругот на „златните момчиња“, Државното карате-првенство за деца од 10 до 13 години во Скопје во 2017 година, тој се закити со титулата државен првак во својата категорија и стана дел од репрезентацијата во категорија кумите – 35 килограми.
– Со освојување на шампионската титула, кумите – 35 килограми, станав дел од Македонската карате-репрезентација и ја освоив репрезентативната вицешампионска титула на Балканското првенство во Истанбул 2017 година. Наредната година повторно се закитив со титулата државен првак во моја категорија – 37 килограми и повторно го задржав местото во репрезентацијата со настап на Балканското првенство во Белград, но не успеав да освојам медал – додава Вуле.

Тој е трикратен државен првак. Во 2019 година третпат стана државен првак на Македонија во својата категорија, – 45 килограми, и замина со репрезентацијата на Балканското првенство за деца во Бања Лука, каде што во исклучително силна конкуренција успеа да се закити со репрезентативен бронзен медал.

Со желба и љубов се постигнува сè

Вуле успева умешно да ги усогласи училишните обврски, тренинзите и натпреварите.
– Успесите се редат, но не доаѓаат случајно. Постојано се одрекувам од дружењето со другарите, од излегувања, но вложувам, за сметка на тоа, во многубројни макотрпни тренинзи, секојдневно. Сепак, со голема желба и љубов се постигнува сè и имам време за сè – ни кажа Вуле.

Тој не ги брои медалите и пехарите.
– Не ги бројам, но ги има над 70 од кои повеќето се златни. Имам и шест пехари за најдобар натпреварувач на првенствата. Најдраг ми е NIKON OPEN, каде што две години сум закитен со златен клупски медал – вели каратистот.

Вукашин годинава ќе наполни 14 години, со што станува кадет и му претстои официјалното Државно првенство за кое вредно ќе тренира.
– Се надевам на настап на Европско и Светско првенство каде што влогот и конкуренцијата се големи, а мојата цел е медал од тие натпреварувања – додава Вуле.

Му посакуваме многу среќа и да си ги оствари соништата.



912

X