Деновиве родендените добија нова енергија и димензија. Децата, без разлика на вонредната состојба, со радост го чекаат својот роденден, па оттука родителите и во ваква состојба мора да ја вклучат својата креативност и да ги израдуваат славениците

Родендените се важни! Создаваат спомени за цел живот. Секој роденден раскажува поинаква приказна, а карантинските роденденски моменти дефинитивно ќе бидат едни од најраскажуваните, незаборавни, посебни. Деновиве родендените добија нова, шармантна, интимна, скромна, возвишена димензија. Децата, без разлика на вонредната состојба, со радост го чекаат својот роденден, па оттука родителите и во ваква состојба мора да ја вклучат својата креативност на најјако и да ги израдуваат своите славеници. Да им приредат забава во која сите ќе уживаат.

Тематски родендени, роденденски реквизити, балони, торти, капи, подароци… сè е вообичаено, само не во игротека, не во ресторан, туку дотерани по дома, само со најблиските. Без гости. Во една прекрасна, топла, интимна семејна атмосфера.

Родителите – главни гости на славениците

Ракометарот Никола Митревски изминатиов период го славеше роденденот на својот син Антонио, кој наполни две години.

Семејството Митревски

– Роденденот го прославиме дома, само најтесното семејство: мама, тато, Антонио и Атанасија. Претходно порачавме торта, купивме балони, украсивме… За време на карантинот го прославиме и роденденот на сопругата, па ги искористивме истите роденденски реквизити во сосема истиот амбиент со истите ,,гости“. Антонио наполни две години, сè уште е мал и мислам дека воопшто не му беше битно местото и тоа што бевме само најблиските. Нам, на возрасните ни беше повеќе жал што не можеме да му го прославиме роденденот со сите роднини и пријатели. Освен тоа, неговиот роденден е во период кога трае сезоната и кога вообичаено имаме тренинзи, натпревари, па можеби и некое гостување. Среќен сум што оваа година можев да присуствувам на неговиот роденден за разлика од претходно. И не само неговиот, често ги пропуштам родендените на другите блиски – ни сподели Никола.

Додава дека Антонио супер го прифатил роденденот дома затоа што сè уште не разбира и немало потреба од посебно објаснување.
– Тој беше доволно среќен со тортата со коњче и со тоа што дуваше свеќи и јадеше бом-бом, негов универзален збор за благо. И покрај тоа што бевме сами дома, супер си поминавме. Дувањето на свеќата беше во присуство на бабите, дедовците, тета и чичо, кои ни се јавија преку видео и во живо следеа. Потоа фамилијарно игравме игри со балони и игравме на роденденски песни. Антонио беше среќен и тоа е најбитно – раскажува Митревски.

Дување свеќи преку видеоповик

Семејството Петровски исто така славеше два родендени дома. Фотографката Андријана Костова-Петровска ни сподели дека и таа и нејзиниот син Дарин слават роденден на 2 април.

Дарин

– Лани не славевме роденден поради епидемијата на морбили, а оваа година поради короната. Дарин сè уште не знае како е да му пеат дечиња на роденден. Двајцата сме родени на ист ден, така што оваа година имавме две торти и дување на свеќичките повеќе пати. И, секако, видеоразговор со многу роднини и пријатели. А од тортата им пративме на најблиските – раскажува Андријана.

Фудбалерката Весна Витанова и новинарот Игор Филевски на Малта го славеа роденденот на синот Лео, исто така само со најблиските.

Весна Витанова и Лео

– И овде има забрана за групирање. Значи, не можеше ниту забава ниту каква било журка да правиме. Но, тоа не беше причина да не си направиме наш мал праисториски спектакл со диносауруси, бидејќи сега сè уште му трае фазата со диносауруси. Немаше потреба од посебно објаснување дека дома ќе правиме забава. Сосема добро прифати дека сами, без другарчиња, ќе славиме бидејќи веќе еден и пол месец не оди во училиште и прифати оваа ситуација, дека „друштвото“ ќе му е на пауза до лето. Но не му недостига дружењето бидејќи секој ден сме надвор по неколку часа, си играме, возиме тротинет, одиме на плажа и си шетаме – ни изјави Весна.

Лео и Игор Филевски

Таа вели дека Лео бил пресреќен и одлично си поминал на роденденот.

– Многу возбудлив ден. Пеевме. Игравме. Направивме неколку нови приказни со диносауруси. Изгледавме едно детско филмче. Имавме фамилијарен ручек со тетките, кои ни дојдоа на гости во чест на роденденот. Сечевме леосаурус торта и тој помина едно динамично и возбудливо претпладне и попладне. Вечерта не сакаше да заспие во стандардно време. Си легна со новите играчки што му ги купивме пред да затворат сите бизниси, а ги чувавме за денот. И така нема да го заборавиме овој трет роденден во вонредна состојба – додава Весна.

Родендените дома учат на скромност

Психологот Ана Ѓорѓевиќ на почетокот од овој месец го прослави дома роденденот на една од ќерките, која наполни 8 години.

– Ние го организиравме роденденот на тој начин што ги замоливме родителите на нејзините другарчиња да снимат кратко видео на кое децата ѝ честитаат роденден или, пак, нешто да ѝ нацртаат и пратат како фотографија на „Вибер“. Вечерта, пред дувањето на свеќичките во семеен круг, дел од нејзините другарчиња ѝ пееја „Хепи брдеј“ преку апликацијата „Зум“. Славеничката беше задоволна на крајот од денот бидејќи иако во домашна изолација, таа доби многу честитки – раскажува Ѓорѓевиќ.
Таа вели дека за многу деца е сосема ново искуство домашната прослава на роденденот, па уште и без гости и многу подароци. Но затоа децата што во овој период имаат роденден ќе го запомнат зашто е поинаков од сите претходни.

Ана Ѓорѓевиќ

– Како ќе го перципираат и доживеат роденденот, во најголем степен зависи од реакциите на родителите. Родителите кои цел ден ќе се жалат, без разлика дали вербално или невербално, за тоа дека децата нема да слават како вообичаено, за неможноста да имаат гости и подароци како досега, ќе создадат кај децата тага, лутина и разочарување. Родителите, пак, што ќе се погрижат децата да се почувствуваат сакано и значајно при прославата на роденден во изолација, можат да придонесат тие да се задоволни од прославата во домашни услови. Роденденот во изолација е шанса за целодневно дружење на децата со своите родители – нешто што особено на помалите деца исклучително многу им значи. Можноста да се помине цел ден во игра и раскажување со мама и тато (и со браќата/сестрите, доколку ги имаат), да се прави заедно тортата и да се украсува, да се подготви омиленото јадење, да се гледа омилениот цртан филм, е одлична шанса за развивање и зацврстување на блискоста помеѓу децата и родителите. Ваквите роденденски прослави се и можност децата да научат да се радуваат на малите нешта, на нематеријалните нешта, да се научат на скромност и на благодарност – вели психологот Ана Ѓорѓевиќ.



912

X