Несмасноста може да се манифестира на различни начини, во помал или поголем степен, само во некои ситуации или речиси секогаш. Главно се манифестира додека детето трча, скока, се качува и спушта по скали, фрла и фаќа топка, но и додека јаде, пие од чаша, се облекува… Несмасните деца имаат одредени тешкотии и во пишувањето, цртањето, вршењето активности кои бараат прецизност. Пред да донесете какви било заклучоци и да одите кај специјалист, треба да го набљудувате детето некое време, можно е „несмасноста“ да е минлива затоа што детето е во нова развојна фаза, важно е и дали е уморно, кој час од денот е, а навечер сите деца се малку несмасни. Има и индивидуални разлики, затоа не треба да споредувате дете со врсници или момчиња со девојчиња, каде што исто така има разлики во созревањето.
Треба и вие да бидете самокритични – можеби не паѓате на улица, но погледнете како го паркирате автомобилот (доволно ви е едно паркинг-место или ви требаат две), дали се удирате од луѓе кога улицата е преполна, или пак никогаш не сте научиле да возите велосипед или да танцувате. Генетиката игра голема улога во способностите на детето. Ако вашето дете е значително понесмасно од мнозинството негови врсници и тоа не го наследило од вас, а е родено предвреме (некои студии покажале дека кај нив несмасноста е почеста и поизразена), дефинитивно треба да се јавите кај стручњаците. Понекогаш проблемот е недоволната зрелост на некои мозочни структури. Со стручна помош и соодветна терапија, на 8-годишна возраст ваквите проблеми можат успешно да се решат.
Понекогаш причината за несмасноста се објективни проблеми, несоодветни чевли или облека (често преголеми или несоодветни, детето не може да трча во лакирани чевли и долго здолниште). Рамните стапала, превртените прсти или X-нозете исто така може да предизвикаат често да паѓа.
Ако детето ја прескокнало фазата на ползење, му било скратено искуството на совладување препреки, фаќање за раце при паѓање, нагли промени во насоката на движење, како и завидна мускулна сила што би ја стекнало. Децата што биле научени да одат фатени за рацете на нивните родители и не ја совладале страничната рамнотежа имаат исто така причина за несмасност. Одењето е исклучително сложена моторна активност и бара добра физичка подготвеност, како и висок степен на координација. Не е доволно детето само да оди, туку и да вежба одење во различни услови (рамно, со пречки, на различни површини, на нерамна земја, со и без чевли, со слободни раце и истовремено носење предмети во двете раце).
Кога детето ќе го совлада движењето во затворен простор, сето тоа треба да го прави на отворен простор, па дворот е идеално место за мали деца или блискиот парк. Задачата на возрасните е да му помогнат на детето во неговите први обиди, без разлика што веројатно ќе се извалка или можеби ќе му се искине облеката. Таму ќе научи да ги совладува угорнините и удолнините, да оди по камења, чакал, песок, кал, трева, снег, низ вода.
Во втората година од животот се вежбаат различни моторни вештини, а во третата се усовршуваат. Детето подобро балансира, може наеднаш да застане и да го промени правецот додека трча, да скока со двете нозе и да се спушта по скалите додека се држи за оградата. Тоа сака да оди по тесна површина и сака да совладува пречки, да ползи низ тесни премини и да игра со топката. Движењата на рацете се сè попрецизни за полесно да се контролираат, а движењата со пенкалото и приборот за јадење се подобри. Заедно со учеството во детските игри, родителите треба внимателно да ги следат активностите на детето, да набљудуваат како користи играчки и предмети.

Децата до пет години немаат страв и мислат дека можат сѐ, а ова е најдобрата возраст за совладување вештини како возење скутер, велосипед, ролери, скијање, лизгање и пливање. За да може детето да биде „умешно“, мора да развие одредени физички способности како што се ритмичност на движењето, прецизност, рамнотежа, координација, брзина, сила и хармонија на движењето.
Детето не може веднаш да стане вешто, но секој мал успех треба да се пофали. Никогаш не треба да го карате кога нешто не прави добро, особено не пред другите деца. Направете план, започнете со полесни и помалку сложени активности за постепено да ги совладате. Не инсистирајте по секоја цена ако детето одбие да проба нешто, почекајте малку и предложете го повторно. Избегнувајте активности од натпреварувачки карактер, тоа е преголем предизвик за „несмасното“ дете. Доколку немате доволно искуство или трпение, побарајте стручна помош. Кога ќе успеете да совладате една од вештините со помош на експерт, веројатно ќе продолжите сами со вашето дете.
Автор: Снежана Милановиќ