Назалните деконгестиви се лекови што служат за спречување на прекумерното лачење секрет од носот. Тие не влијаат врз причините што доведуваат до создавање на слуз, но можат да ги ублажат непријатните придружни симптоми на вирусните и бактериските респираторни инфекции.
Но, родителите не би требало да ги употребуваат кај деца помали од 6 години, а децата на возраст меѓу 6 и 12 години можат да ги користат само кога е неопходно, предупредуваат лекарите во студија објавена во Британскиот медицински журнал.
Доказите што ја потврдуваат ефикасноста на овие лекови се ограничени, но бидејќи повеќето настинки и вирусни респираторни инфекции поминуваат за седум дена, лекарите препорачуваат проблемот со затнатиот нос кај децата да се решава на друг начин.
Во просек, децата „закачуваат“ од шест до осум вакви инфекции годишно, додека возрасните од две до четири. Но, студиите покажуваат дека иако симптомите не се пријатни – децата не можат да дишат како што треба, не можат да спијат поради затнатиот нос – сепак, не би требало да користат капки за нос.
Иако капките за нос од класата деконгестанти лесно можат да ги решат овие проблеми, не треба да се применуваат кај деца бидејќи не се безбедни.
„Во студијата се наведува дека лековите од класата деконгенстанти не би требало да се препишуваат за деца помали од 12 години бидејќи доказите за нивната ефикасност се ограничени, а постојат и одредени ризици“, пренесува британски „Мирор“.
Но, солените раствори се сосема безбедни, иако се помалку ефикасни. Тоа значи дека можете на децата да им ставате солен раствор во носот без никаков ризик, дури и кога се работи за бебиња. Во тие случаи физиолошкиот раствор ќе помогне при чистењето на носето.
Физиолошкиот раствор не е лек, туку медицински растворена „солена“ вода, која е безопасна и не може да ги оштети малите крвни садови, ниту слузокожата во носот.
Ни возрасните не би требало неконтролирано да употребуваат капки за нос. Во сезоната на вируси тие навистина се сојузник, но никогаш не треба да се користат повеќе од седум дена.
Во спротивно, кога ќе престанете со користењето, симптомите како затнат нос и секреција само ќе се влошат.
912