Здравје

Канада го губи статусот на земја со искоренети мали сипаници

Канада го изгуби статусот на земја каде што се искоренети малите сипаници по речиси 30 години, поради неуспехот да ја спречи епидемијата што траеше една година, соопшти Агенцијата за јавно здравје на земјата. Здравствените работници и експертите минатиот месец предвидоа дека Панамериканската здравствена организација (ПАХО) ќе ѝ го одземе на Канада тој статус. Земјата пријави повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници во девет од нејзините 10 провинции и една северна територија.

-Иако преносот на оваа заразна болест неодамна се забави, епидемијата трае повеќе од 12 месеци, првенствено во недоволно вакцинирани заедници – соопшти агенцијата.

Искоренувањето на малите сипаници може да се дефинира како отсуство на ендемски пренос на мали сипаници 12 месеци или повеќе во дефинирана географска област, придружено со висококвалитетен и функционален систем за надзор и откривање на сите нови случаи.

-ПАХО ја информира Агенцијата за јавно здравје на Канада дека Канада повеќе нема статус на земја со искоренети мали сипаници – се вели во соопштението.

Се додава дека агенцијата ќе се фокусира на подобрување на покриеноста со вакцинација во покраините, зајакнување на споделувањето податоци и обезбедување висококвалитетен и функционален систем за надзор и откривање на сите нови случаи. Здравствените експерти велат дека падот на стапките на вакцинација во некои делови од земјата е знак за повторно појавување на голем број болести, кои лесно се спречуваат со вакцинација. Но, од пандемијата на коронавирусот јавноста станува сè поскептична и недоверлива кон вакцините. Од Канцеларијата на федералната секретарка за здравство, Марџори Мишел, одбиле да коментираат.

Извор

Поврзани написи

To top