Калинката може да ја подобри плодноста и кај жените и кај мажите, благодарение на антиоксидансите, подобрената циркулација и хормоналниот баланс.
– Калинката има многубројни потенцијални придобивки за плодноста, и кај жените и кај мажите – вели нутриционистот Мирјана Љутиќ Јездимировиќ, која објаснува како ова овошје влијае врз репродуктивното здравје.
Антиоксидативни својства
Калинката е богата со антиоксиданси кои го намалуваат оксидативниот стрес, кој е една од главните причини за оштетување на сперматозоидите и јајце-клетките.
Исто така, калинката го подобрува квалитетот на јајце-клетките и здравјето на матката кај жените, ја штити ДНК-структурата на сперматозоидите и ја зголемува нивната подвижност кај мажите.
Овошје полно со витамини
Црвените зрнца од калинката се богати со речиси сите витамини, особено витамини Ц, A, E и Б5, како и со минерали како калиум и железо.
Зголемување на нивото на хормони
Истражувањата на животни и ограничен број студии на луѓе укажуваат дека:
– калинката може да го зголеми нивото на тестостерон кај мажите, што позитивно влијае врз либидото и квалитетот на спермата;
– може да помогне во регулација на естрогенот и прогестеронот кај жените, што е важно за уреден менструален циклус и овулација.

Подобрување на циркулацијата
Калинката го подобрува протокот на крв, што има различни придобивки:
– Кај жените, подобрата циркулација во матката придонесува за поздрав ендометриум, клучен за успешна имплантација на ембрионот;
– Кај мажите, подобрениот проток на крв може да придонесе за подобра еректилна функција.
Дејство против воспаленија
Воспаленијата во репродуктивниот систем можат да го отежнат зачнувањето. Антиинфламаторните својства на калинката можат да помогнат во намалувањето на овие воспаленија и да создадат подобри услови за плодност.
– Калинката сама по себе не е лек, но може да биде корисна природна поддршка во зголемувањето на плодноста. Кај посериозни проблеми со зачнувањето, најдобро е да се консултира гинеколог или уролог – советува нутриционистката.