Сексуалното образование не треба да биде насочено само кон био-медицинските аспекти, туку младите треба да ја разберат човековата сексуалност и да изградат позитивни ставови

Покрај подобрување на здравствените индикатори кај младите, како намалување на непланирани бремености, малолетнички бракови и сексуално преносливи инфекции, придобивки од воведувањето на сексуалното образование во македонските училишта ќе бидат и градење позитивни вештини и ставови на младите во однос на сексуалноста, градење толеранција кон ранливите или маргинализирани групи граѓани, почитување на еднаквоста на жените и мажите и намалување на родовите стереотипи. Ова е ставот на ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, која ја поздрави најавата на Владата дека во 4 основни училишта од 2020 година ќе почне пилот-проект за воведување сексуално образование.

Од ХЕРА ни објаснија дека воведувањето на сексуалното образование има повеќедимензионални цели.

– Емоционална зрелост за стапување во врски и сексуални активности, справување со насилството (врсничкото и сексуалното насилство и злоупотреба), да се каже НЕ за неподготвеноста да се има сексуален однос, а гради и практични вештини каде и кому да се обратат ако нивните права се прекршени или да добијат соодветна здравствена услуга и поддршка. Во целина, целта е да им овозможи на младите луѓе да се стекнат со знаење, вештини, ставови и вредности што ќе ги оспособат да: осознаваат за нивното здравје, нивната благосостојба и нивното достоинство; да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат на почит; да можат да проценат како нивните избори влијаат врз сопствената благосостојба и онаа на другите; и да ги научат и разберат своите права, а потоа и да знаат да обезбедат заштита на истите во текот на нивниот живот – велат оттаму.

Посебен и задолжителен предмет ќе има најголем ефект

Каква треба да биде програмата што се подготвува во Бирото за развој на образованието (БРО) е актуелно прашање деновиве. Што треба да содржи, кој да ја предава, од кое одделение да се изучува?

Од БРО ни одговорија дека е предвидено наставната програма за сеопфатно сексуално образование да почне со реализација во 2020 година, откако ќе бидат изработени материјали за обука на наставниците, изработка и пилотирање на инструментите за евалуација на пилот-програмата.
– Моделот на пилотирање избран од работната група формирана од Бирото за развој на образованието предлага пилотирањето да се спроведе во најмалку четири училишта (две во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде што мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници) кои би се пријавиле доброволно за негова реализација, во деветто одделение. Едно училиште со слични карактеристики ќе служи за компарација на резултатите со другите, а возраста на учениците се однесува на третиот развоен период (од седмо до деветто одделение) – велат од Бирото.

Од ХЕРА посочуваат дека посебен и задолжителен предмет е секако еден од најдобрите модели за интегрирање на сексуалното образование во училишното образование. Во 11 од 21 земја каде што постојат училишни програми за сексуално образование тоа е задолжителен наставен предмет. Во 6 земји предметот е делумно задолжителен, што значи дека не е задолжителен во сите делови во земјата или во сите училишта. Во 4 земји предметот е изборен, што значи дека учениците може да го изберат или, пак, постојат некои алтернативни опции.

– Во повеќето земји со сексуалното образование се започнува во основното училиште и се продолжува во средното училиште. Во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование младите луѓе претежно го наведуваат училиштето како важен извор на информации за сексуалноста, а стапките на малолетнички раѓања се главно многу ниски. Во земјите, пак, каде што сексуалното образование речиси и не постои во училиштата, стапките на малолетнички раѓања општо земено се многу високи – велат од ХЕРА.

Наставниците – главна алатка за успешно образование

Според нив, нашата наставна програма за сексуално образование треба да биде сеопфатна, што значи дека не треба да биде насочена само кон био-медицинските аспекти на сексуалноста (здравјето пред сѐ), туку и кон развивање социјални и емоционални вредности и вештини за подобро справување и разбирање на човековата сексуалност и градење позитивни ставови.

– Согласно препораките на УНЕСКО, сексуалното образование треба да ги вклучува следниве теми што младите луѓе треба да ги изучуваат преку интерактивна методи за работа: (1) Род и родова еднаквост, (2) Врски и односи, (3) Тело и слика за своето тело, (4) Сексуално и репродуктивно здравје, (5) Сексуалност, (6) Насилство и (7) Граѓански аспекти. Во секоја од овие теми младите градат точно утврдени знаења, вредности и вештини поврзани со заштита и промоција на своето здравје и социјална благосостојба, донесување вистински одлуки поврзани со сексуалноста, поголемо разбирање за човековите права и почитување на различностите – велат од ХЕРА.

Наставниците се главната алатка за успешно сексуално образование. Од ХЕРА објаснуваат дека во моделите што ги развивале со работната група при Бирото за развој на образованието во 2018 година најдобро прифатен модел бил наставниците што би се обучувале да бидат оние што се најмотивирани и имаат желба да работат со младите понатаму.
– Профилот на наставникот немаше толку голема тежина наспроти мотивираноста да се предава за сексуалното образование.
Од оваа организација посочуваат дека резултатите од пилот-проектот ќе овозможат да креираме најдобро прифатен модел и план за воведување на сексуалното образование во училиштата согласно потребите на младите и реформите во образовниот систем, но истовремено да ја одразуваат неговата сеопфатност.

Што ќе учат македонските ученици?

Од Бирото за развој на образованието велат дека наставната програма што ќе се изучува во училиштата кои ќе бидат дел од пилот-проектот ги опфаќа следните тематски подрачја:
Род: Социјално конструирање на родот; Родови стереотипи и родова еднаквост.
Врски и односи: Пријателски и љубовни врски во адолесценција; Брачни врски и долготрајни врски.
Тело и слика за телото: Тело и телесен интегритет; Тело, репродукција и сексуалност; Слика за своето тело; Медиумите, родот и идеалите за физичка привлечност.
Сексуално и репродуктивно здравје: Сексуално преносливи инфекции (вклучувајќи ХИВ); Живеење со ХИВ; Бременост и контрацепција.
Сексуалност: Секс, сексуалност и циклусот на сексуалниот живот; Сексуално однесување и сексуална реакција.
Насилство: Насилство и грижа за безбедноста; Согласност, приватност и телесен интегритет; Безбедно користење на социјалните мрежи.
Граѓански аспекти: Вредности и права; Сексуалноста и човековите права; Сексуална различност и дискриминација.



912

X