Игротека

Какви подароци да изберете за дете од три до пет години?

Ако се приближува роденденот на вашето дете или сте во потрага по идеален подарок за новогодишните празници, еве неколку предлози што можат да ви помогнат…

Играчката секогаш е добар подарок, ако ја одберете внимателно. Играјќи со играчки, детето ја развива својата креативност, стекнува многу вештини и знаења. Исто така, тие помагаат во развивањето и на социјалната комуникација, изразувањето стравови, канализирањето емоции..
Олеснителна околност за тие што купуваат подароци е фактот што најголем број играчки на пазарот се наменети токму за возраст меѓу 3 и 5 години, а еве кои од нив се најдобри за децата на оваа возраст.

Книги и албуми со стикери и налепници

Иако не се играчки во вистинската смисла на зборот, речиси секоја генерација тригодишници или петгодишници има некоја своја „опсесија“, од спортисти до јунаци од цртаните филмови. Особено им се интересни на девојчињата бидејќи им овозможуваат контакт со ликови што се претставени како нежни и пријатни. Лесно се лепат и одлепуваат, а постојат и специјални албуми.
Стикерите и налепниците немаат особено едукативна вредност. Сепак, децата ги сакаат и со нив се развива социјалниот момент – можат да ги разменуваат, да разговараат за нив, да си ги покажуваат едни на други, и тоа е доволен мотив да му ги подарите и на вашето дете.

Уметнички материјал

На оваа возраст пожелно е на децата да им понудите и уметнички материјали како вид играчки.

Боички: ако детето е помало, приборот треба да биде што поедноставен. Затоа, идеално е првите боички да бидат восочни (креони), а дури подоцна дајте му дрвени боички или фломастери.

Материјал за обликување (пластелин, глина, глинамол, тесто): материјалот за моделирање треба да биде мек, еластичен, да не се суши и да не се рони лесно. Боењето, цртањето и моделирањето се исклучително важни бидејќи го развиваат трпението, ја поттикнуваат фантазијата и креативноста, а притоа се вежба координацијата на движењата и фината моторика. Имаат смирувачко дејство, а истовремено претставуваат начин на изразување на внатрешниот свет на детето.

Компјутерски и видеоигри

Околу петтата година вашето дете може да почне да се интересира за компјутерски игри и „плејстејшн“. Преку нив детето го учи јазикот на новите технологии и новите медиуми. Идеални се игрите што немаат агресивни содржини, со кои се вежбаат рефлексите, моториката, концентрацијата, а кои истовремено се и едукативни и забавни.
Немојте да „бегате“ од овие игри и играчки само затоа што мислите дека не се корисни. Наместо тоа, пронајдете ги оние што сметате дека можат да придонесат во развојот на вештините на детето, но ограничете му го времето што ќе го поминува пред компјутер. Во таков случај детето нема да формира лоши навики, а времето ќе го поминува како што самото ќе посака.

Коцки

Изработувањето кули и сфаќањето како да се спречи нивното паѓање ја поттикнуваат вештината за решавање проблеми и координација очи-раце. Претшколските деца ќе ја користат својата фантазија за да градат згради, возила, животни и други поедноставни конструкции.

Сложувалки

Сложувалките ги поттикнуваат координацијата и развивањето вештини, учењето на просторните односи (каде се наоѓаат предметите во однос на другите предмети) и логичкото мислење.

 

Поврзани написи

To top