Доволно е да поминеме само еден работен ден во основно училиште и ќе бидеме во состојба да го донесеме првичниот заклучок за децата што се воспитуваат и образоваат таму
Јас ќе се обидам да го пренесам моето лично искуство кога првпат имав можност од другата страна да се запознаам подобро со децата, нивните навики, потреби, однесувања во рамките на една воспитно-образовна институција. Иако сум родител, мора да признам дека на почетокот ми беше голем предизвик да ги разберам постапките и однесувањата на одредени поединци помеѓу врсниците, на моменти останував вчудовиден од нивното однесување, барав објаснување за причините за тоа однесување. Иако не успеав да заклучам зошто „нашите“ деца во училиште се онакви какви што се, сепак, успеав да пронајдам некоја поврзаност помеѓу детето дома и тоа истото на училиште.
Покажете му ги на своето дете вистинските патишта по кои треба да чекори, не оставајте на случајноста да ги воспитува бидејќи честопати таа знае да ги збуни
Многу често оние деца што дома се воспитуваат строго, или родителите во односот со нив имаат цврсто поставени правила според кои се одвива семејниот живот, во училишната средина покажуваат добра приспособеност на пропишаните правила и норми, ги исполнуваат задачите, знаат да го почитуваат редот и согласно нивните психофизички способности, постигнуваат одредени резултати. Оваа група на деца-ученици честопати знае да го цени тоа што им е дадено на располагање, одговорно се однесува кон себе, но и кон околината. Наставниците се пресреќни кога треба да воспитуваат и образоваат ваков ученик, честопати во работата со нив немаат речиси никакви проблеми.
Втората група ученици се оние што повремено дома ги следат, им се даваат насоки, се разговара со нив, но не според строго зацртани правила на однесување, односно ним им е дадена поголема слобода и право на избор. Овие деца можно е во училиште да покажат добро поведение и успех, но исто толку и да покажат нарушено поведение и слаб училиштен успех. Насоката по која ќе се движат е честопати променлива и флуктуира, во една училишна година честопати покажуваат повеќе страни на сопствениот карактер. Дали ќе се определат за социјално прифатливото однесување или не, кај нив честопати зависи и од непосредната средина во која растат, за нив прифатливо ќе биде однесувањето на повеќето членови во социјалната средина во која созреваат.
Доколку пред да ги запишете во училиште не им создадете чувство за одговорност, дисциплина и самокритичност, тогаш ќе се соочувате со постојани проблеми во училиштето, но и надвор од него, а вашето дете ќе биде несреќно и збунето
На крајот, за жал, е третата група на деца кои во домашната средина или се презаштитени или комплетно запуштени. Еднакво е штетно за детето да биде воспитувано во духот дека сè му е дозволено или, пак, кон него да немаме никаков интерес и сè да му е дозволено, едноставно родителите кон сопствените деца се однесуваат како кон нечии други или уште полошо од тоа. Оваа група е често онаа што тешко се приспособува во училишната средина, има отпор и често влегува во конфликт и со врсниците и со наставниците. Тоа е затоа што тие не знаат како да се однесуваат во новата средина каде што важат одредени правила. Се чувствуваат изгубено и отфрлено. Секоја одлука што треба да ја донесат честопати завршува со одредени последици поради кои ниту детето ниту родителите, а најмалку воспитно-образовниот кадар во училиштата е задоволен.
Но секогаш постои едно правило, а тоа е дека всушност нема правило. Поделбата на групите не мора да има строги и цврсти граници, понекогаш ќе сретнеме поединци кои не припаѓаат ниту во една, имаат изградено поразличен модел на однесување. Сепак, во секоја училишна средина ќе сретнеме и случаи на ученици со екстремно интровертно или екстровертно однесување, ученици кои знаат како треба и такви што воопшто не знаат како треба да се однесуваат.
Доколку пред да ги запишете во училиште не им создадете чувство за одговорност, дисциплина и самокритичност, тогаш ќе се соочувате со постојани проблеми во училиштето, но и надвор од него, а вашето дете ќе биде несреќно и збунето.
Покажете му ги на своето дете вистинските патишта по кои треба да чекори, не оставајте на случајноста да ги воспитува бидејќи честопати таа знае да ги збуни.
912