Воспитување

Какви ќе бидат последиците од корона-кризата врз децата и кој треба да биде највнимателен?

Грижа, анксиозност, тага и страв – ова се нормални реакции на моменталната криза во која се наоѓаме поради пандемијата на коронавирусот. Но, какви ќе бидат долгорочните последици, односно до каде ќе се простираат, во голема мера зависи од тоа колку оваа медицинска, економска и општествена криза ќе потрае. Иако оваа ситуација со коронавирусот, особено социјалната дистанца, не е едноставна за никого, не сме сите исти и не реагираме сите на еднаков начин, а особено децата што и пред оваа кризна ситуација биле анксиозни или потешко се приспособувале на промени.

Стресот може да предизвика и промени во имунолошкиот систем

Стресот долгорочно може да предизвика и промени во имунолошкиот систем, па доктор примариус Вања Слијепчевиќ-Сафтиќ, супспецијалист по педијатриска неврологија, заменик-директор на Поликлиниката за заштита на деца и млади во Загреб, Хрватска, зборува на тема „Пораст на насилството во семејствата во време на коронавирус“:

– Интензивниот стрес доведува до биолошки промени во организмот, на кои во основата им е ексцесивното лачење на хормони на стрес. Со оглед на тоа дека зборуваме за мозок кој се развива, во него се формираат врски кои го прават високофункционален, а стресните фактори во целост го менуваат неговиот програмиран развој. Краткотрајно, таквите промени водат до преголема раздразливост на детето, послабо одржување на вниманието, можност и за нарушување во читањето, помнењето, моторички немир. Таквите деца имаат потреба од повеќе помошници во наставата, почесто имаат потреба за некое приспособување на обликот на наставата. Долготрајно, тие може да предизвикаат промени на имунолошкиот, крвниот систем, па зачестува и заболувањето од ментални болести. Токму од овие причини, токсичниот стрес има не само здравствени последици, туку влијае и врз општеството и економијата, како комплексен, но и превенциски проблем.

Но, се разбира дека не се сите деца еднакво ранливи. Освен возраста и развојниот статус, одговорот на децата на кризата е поврзан со нивните карактеристики на карактерот и начинот на кој го доживуваат светот околу себе. За тоа, во интервју за „Народни лист“ зборува д-р Полона Бенцун Гумзеј, дипломиран гешталт-психотерапевт, специјалист по школска и универзитетска медицина, со долгогодишно искуство во работа со млади лица и семејства.

– Некои деца имаат повеќе стравови, некои помалку, некои се склони кон грижа, тежина, некои не се. Како ќе реагираат на оваа ситуација, зависи од нивните рани стресни и трауматични искуства, па оние деца што и претходно имале искуство со фактот дека светот не е безбедно место, почесто изразуваат анксиозност и се ранливи во актуелната криза – вели таа.

– Морам да признаам дека двојно сум загрижена за децата што и пред оваа кризна ситуација страдаа од анксиозност, неодредено и непријатно чувство на страв или грижа, тешкотии кои влијаат и врз мислите и врз доживувањата во телото, тежина која не е поврзана со објективната ситуација. Најчесто сме ние склони кон намалување на важноста на детската перцепција на нештата. Често родителите на тие деца доаѓаат по помош поради различни телесни симптоми (трнење на телото, главоболки, забрзано чукање на срцето, болки), кои немаат органска подлога. Таквите деца ја доживуваат непознатата ситуација како опасна или заканувачка и поинтензивно реагираат. Често се засилуваат и телесните симптоми (болки, трнење на телото), но понекогаш се развиваат различни облици на претерана контрола, изведување повторувачки ритуални работи, проблеми со спиење и опсесивни мисли – појаснува Бенцун-Гумзеј, напоменувајќи дека во таа анксиозна ситуација најмногу им требаат возрасните кои знаат дека е нормално да имаат непријатни и тешки емоции и реакции на вакви тешки ситуации.

Бидете смирени, вашиот пример им е главна насока на децата

– Чувство на вознемиреност, страв, тешкотии, лутина, непријатност, реакции на заледеност, плач, изгубеност, негација. Важно е тие чувства и реакции да ги прифатите, вербализирате. Со тоа тие го губат својот интензитет. Ако не успеете во тоа самите, побарајте помош, постои и достапна е. Бидете смирени, вашиот пример и начинот како вие се справувате со ситуацијата им е главна насока на децата. Не заборавајте дека тие многу добро ги детектираат вашите чувства, па важно е да бидете искрени, да ги признаете сопствените маки и да им покажете дека тоа не е нешто посилно од вас. Не ветувајте му на детето дека нешто нема да се случи, но уверете го дека со ситуацијата ќе се справите со што и да се случи и дека ќе бидете тука за него колку што сте во можност. Бидете извор на сигурност, повторувајте дека сте тука за него, прашајте го детето што би му помогнало.

Искористете ги играчките на кои ќе им дадете поединечни особини (лав – сила, пчела – мудрост…), пуштете да ве води фантазијата на детето, бидејќи децата понекогаш добро знаат што би им требало и што би им помогнало… Слушајте ги, прашувајте ги за што се грижат, што е најлошото што го замислуваат, поттикнете ги да го нацртаат или некако креативно да го изразат тоа што го чувствуваат (со глума, танц, песна). Не намалувајте ги нивните стравови, не смејте се на нивното разбирање или толкување на ситуацијата. Одговарајте на прашања, колку и да ви се чинат банални, сфатете ги сериозно и покажете разбирање – советува овој експерт.

Одредени деца може да реагираат и со враќање на некои стари однесувања, на пример, повторно да почнат да го цицаат палецот или да мократ во кревет.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top