„Каква мајка е таа? Не работи, а децата ги праќа во градинка!“
Ако случајно сте еден од овие типови мајки, веројатно никогаш не ви бил упатен ваков коментар в лице, но тоа сигурно го направиле на социјалните мрежи. Ако се претпостави дека го носите вашето дете во градинка за да помине разумно време таму, фактот што вие не одите на работа во тој период апсолутно не е причина за дете од три или повеќе години да не биде дел од колектив. Не е ниту пожелно ниту најдобро детето на таа возраст да биде исклучиво со мајката по цел ден.
Со ова се согласува и психологот Снежана Анѓелиќ, која зборувала на споменатата тема во утринската програма на „ТВ Прва“, Србија.
„Не се работи за интересите на родителите, туку за интересите на детето. Се работи за тоа дека секое дете што наполнило три години има природна потреба од социјална средина која родителот не може да ја обезбеди. Секое дете што наполнило три години треба да оди во градинка и да го добие потребното за воспитување и образование. Градинките не се центри за згрижување деца, па сега вработените родители треба само да го остават своето дете таму за да го чува некој додека се на работа. Не, предучилишните установи се многу сериозни во воспитувањето на децата, на начин кој родителите не можат да го применат затоа што не се едуцирани за тоа. Второ, родителот не може на детето да му обезбеди социјална средина каква што може една институција“ – ја појаснила оваа дилема Снежана Анѓелиќ.
Таа вели дека треба да се запрашаме какви се можностите на родителот за да ги исполни сите потреби на детето за социјализација и дали е здраво тоа дете цел ден да го поминува дома со мајка си, особено ако нема браќа и сестри.
„Порано, кога не одевме во градинки, деновите ги поминувавме надвор со еден куп деца и имавме поттик за решавање конфликтни ситуации. Можете ли да го пуштите вашето мало дете надвор да игра денес? Со кого ќе игра? Надвор нема деца. Треба да се занимаваме со прашањето што му треба на детето. И му треба друштво од врсници со кои ќе научи да решава конфликти, да комуницира, да споделува, да управува. Едно семејство, колку и да е функционално, не може да го обезбеди тоа бидејќи во семејствата нема толку многу деца кои можат да му ја обезбедат потребната средина“.
Злонамерни и осудувачки коментари на оваа тема најчесто пишуваат жени, а Снежана Анѓелиќ вели дека причина за тоа можеби е проекцијата, односно препознавањето на некои свои проблеми во другите.
„Јас сум мајка на четири деца и веќе имам четири внуци, но имам и кариера. Моето лично искуство е дека сѐ може да се усогласи ако имаш партнер со кој добро соработуваш и ако не се поставува прашањето за машко-женски работи, туку семејството и децата ги гледаме како свои, а заедно растеме и се развиваме како поединци. Затоа што не сум само мајка. Ја сакам таа улога, но можам и треба да бидам многу повеќе од тоа. Кај мене на психотерапија доаѓаат жени кои се депресивни, очајни затоа што не знаат кои се, затоа што кога нивните деца ќе пораснат и добар дел од таа улога на мајка станува непотребна, тие остануваат со празнина во себе или продолжуваат да ги задушуваат нивните деца со мајчинството, затоа што тоа е единственото нешто што го имаат. Ние не треба да бидеме само една работа, можеме да бидеме што сакаме, но да не му наштетиме на нашето семејство“, објаснува психологот Снежана Анѓелиќ.

Како што вели, не треба да заборавиме дека децата се заеднички, а мажот и жената се партнери во воспитувањето на тие деца, но секој од нас има и своја лична потреба да расте и да се развива како личност.
„Не можете и не треба, бидејќи имате дете, да престанете да постоите. Улогата на мајката е само една од улогите што ги имате, а на децата не им треба многу повеќе од тоа. Честопати ги преплавуваме децата со нашето внимание и ги задушуваме само со тоа што се занимаваме со нив, а забораваме дека ние самите постоиме како личност“ – заклучила Анѓелиќ.