Воспитување

Каква карактерна црта е скромноста и дали навистина е толку позитивна?

Главното значење на скромноста го детерминира односот на личноста кон сопствените желби. Скромен е оној што лесно се откажува од своите желби и се помирува со тоа дека нема да ги оствари.

Скромно е она дете што стои пред излогот во кој гледа играчка што му се допаѓа, мирно го прифаќа одговорот на мајката дека нема доволно пари да му ја купи. Кога мајката поради тоа ќе го бакне и ќе му каже: „Скромно сонце на мама“, таа со својата љубов го наградува за скромноста. Според тоа, скромно е она дете што е убаво воспитано, управува со своите желби и не дозволува тие да управуваат со него.

Нарекувајќи го детето скромно, ние го означуваме како „скротено“

Тоа е во согласност со значењето на зборот скромност, бидејќи според етимологот Петар Скок, тој збор потекнува од архаичниот глагол „кроми“ со значење – да се скроти. Според тоа, нарекувајќи го детето скромно, ние го означуваме како „скротено“, социјализирано и дисциплинирано, т.е. послушно.
Второто значење на скромноста се однесува на начинот на кој некое лице се поставува во однос на другите луѓе. Спротивности на скромноста се самодопадноста и арогантноста.

Значи, скромен е некој што не се истакнува во однос на другите, не се фали со своите успеси и постигнувања и чека другите да ги забележат неговите квалитети. А кога другите навистина ќе ја пофалат, скромната личност по правило сама ќе го дисквалификува сопствениот успех, покажувајќи дека ѝ е непријатно кога другите ја фалат, негирајќи дека успеала со цел да биде забележана и пофалена.

Овој вид скромност всушност е одраз на внатрешниот став на личноста кон самата себе. Таа за себе мисли дека „не е нешто посебно“, дека е обична, дека спаѓа во „мали луѓе“. И затоа ваквиот вид скромност е поврзан со искривената слика за себе во која луѓето го отпишуваат или постоењето или важноста на своите вистински квалитети.

Скромните лесно се навикнуваат на подобро

Скромното одбивање на туѓите пофалби не мора да биде директен израз на негативна слика за себе. Некогаш на таков начин се однесуваат луѓе со спротивно искривена, „надуена“ слика за себе. Во тој случај тоа не е израз на скромност, туку израз на развиени социјални вештини со кои превентивно се неутрализира завидливоста на другите луѓе.

Дали скромноста е позитивна особина? Сѐ зависи од контекстот во кој се наоѓа скромната личност. Скромноста е позитивна кога личноста се развива и живее во сиромашно опкружување – зона на преживување. Кога постојано би го посакувала она што не може да го добие, постојано би била незадоволна, така што скромноста ѝ помага да се приспособи. Кога личноста живее во богато опкружување – зона на квалитетен живот – нејзината скромност е ирационално неискористување на понудените можности. За многумина квалитетот на животот е остварување на разни желби, што води кон задоволство и среќа.

Не знаеме што носи иднината, но знаеме дека скромните лесно се навикнуваат на подобро, а нескромните многу тешко се навикнуваат на немаштија.

Автор: Зоран Миливоевиќ

Поврзани написи

To top