Наставникот ја има единствената можност да создаде услови потенцијално надареното дете да стане позитивен и полезен член на општеството. Тој треба да биде свесен дека на некои надарени деца им недостига синхронизираност со нивните врсници, семејството и со времето во кое живеат. Затоа, неопходно е наставникот да ги разбере чувствата на фрустрираност и изолираност кај овие деца, кои можат да се појават, бидејќи нивниот интелектуален развој е побрз од емоционалниот и физичкиот. Воедно наставникот треба да биде свесен за евентуалното несовпаѓање на интелектуалните и социјалните потреби, како, на пример: потребите за сигурност и социјално прифаќање.
Надарените најчесто патат поради својот талент
Наставниците, покрај знаењата од сопствениот предмет, треба да располагаат со:
- Сознанија за развојот на детето,
2. Доверба,
3. Вештина за развој на флексибилен и интересен материјал,
4. Високо развиена вештина за прашување и објаснување,
5. Желба повеќе да насочуваат отколку да диктираат, дозволувајќи им на учениците да развиваат независност во мислењето и однесувањето,
6. Докажан успех како наставници во редовните училишта,
7. Можности да направат грешки,
8. Наставниците треба да поседуваат лидерски вештини.
Да се биде наставник на надарени ученици – Елизабет Друс напишала:
„Задачата на наставникот е да инспирира и да ослободува. На надарените ученици најмногу можат да им помогнат тие наставници, кај кои постои комбинација на две карактеристики.
Прво, тие треба многу да знаат и постојано да го збогатуваат своето знаење со актуелните постигнувања во предметот што го предаваат.
Второ, тие мора да имаат вонредна вештина за комуникација. За надарените ученици, креативен е оној наставник кој има верба во младите луѓе и ги сака учениците, кој е љубезен, демократичен и полн со разбирање.
Ваквите наставници веруваат дека сите човечки суштества се по природа добри и имаат потенцијали. Насочуван на такви вредности, ученикот може – да избере стил на живеење и поглед на светот.
Треба да признаеме дека надарените деца уште од мали се способни да увидуваат значајни нешта и нашата задача како наставници е сократовска: да го извлечеме креативното од нив и да им дозволиме да бидат таму каде што можат да го откријат тоа што, всушност, веќе го знаат.“
За наставниците што ги подучуваат надарените ученици, доволно е да имаат просечни способности, натпросечно да се заинтересирани да им помагаат на надарените, секогаш да се спремни за соработка, да умеат да го наградат трудот, да ја ценат интелигенцијата и да знаат како да ја негуваат.
Група истражувачи направиле студија врз 10-годишни надарени деца од кои побарале да наведат каков треба да биде идеалниот наставник. Одговорите се следни:
- Да ги разбира
- Да има смисла за хумор
- Да може да го направи учењето забавно
- Да е весел
- Да ги поддржува
- Да е интелигентен
- Да е трпелив
- Да е флексибилен
- Добро да го познава наставниот предмет
- Да ги објаснува внимателно нештата
- Да е вешт во групните активности
Во истата студија е консултирано и мислењето на нивните родители. Како врвни приоритети во рангирањето на професионалните компетенции на наставниците тие ги наведуваат следниве:
- Знаење за природата и потребите на надарените
- Вештини за развивање на сликата за себе
- Вештини за интегрирање на когнитивните, афективните, сензорните и интуитивните способности
Во однос на личните особини, за нив најважни се:
- Разбирањето
- Прифаќањето
- Почитувањето
- Довербата
- Себепочитувањето
- Отвореноста за нови идеи
- Флексибилноста
„Добриот едукатор треба да биде пример со педагошки карактеристики. Но од едукаторот кој треба да работи со надарени и талентирани деца, децата и родителите очекуваат да биде пример над примерите!“
Автор: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во Основното училиште ,,Кочо Рацин“, Прилеп
912