Воспитување

Каков Дедо Мраз, па тој има 5 години, ќе му се смеат децата што верува во тие глупости

-И тогаш Дедо Мраз, кога ќе види колку си бил добар цела година, посебни пакетчиња ќе издвои баш за тебе.
-За мене? Она што му го напишавме во писмо?
-Да, баш тоа што му го напишавме во писмо. Ајде сега… Добра ноќ…

-Дали ти навистина на Димитрија му ги зборуваш овие глупости? – ме праша сестра ми. – Јас на Марко убаво му велам да избере што му се допаѓа и дека мама и тато тоа ќе му го купат за Нова година. Каков Дедо Мраз, Маја! Па тој има 5 години, уште малку ќе оди на училиште! Што да вели, дека Дедо Мраз постои?! Па сите ќе му се смеат!

Мојата сестра секогаш била практичната во семејството, не се грижела многу за бајки и фантазии. „Светот е таков каков што е, што ми го заблажуваш“, знаеше да каже. Немаше место ниту за случајна љубезност, за наградни унапредувања и чудесни заљубувања, а најмалку за Дедо Мраз!

-Што ќе ми кажеш следно, дека забната вила му донела подарок кога му паднал забот?

На еден детски роденден во игротека, додека децата скокаат и трчаат, мајките пијат кафе и коментираат – градинка, растење, моето дете ништо не јаде, моето дете не сака да спие, моето дете… Обично сум најтивката мајка во тие групи, но како што се приближуваше Нова година, а сестра ми ме убедуваше во таа нејзина практичност, некаде во паузата од разговорот го поставив тоа мало-големо прашање: Дали вашите деца веруваат во Дедо Мраз?

Какофонијата од одговори на момент го надмина „Децата се украс на светот“ од соседната просторија, а потоа почнаа една по една: „Јас му велам – ако бидеш добар, Дедо Мраз ќе ти донесе подарок. Но, Матија не е глупав, гледа дека тука нешто не е како што треба.
-Нина ме праша како еден Дедо Мраз може да ја помине цела наша улица и да не се изгуби низ Белград?
-Јас никогаш не сум се оптоварувала со тоа, само стигна Нова година, ти купивме подароци, Дедо Мраз е за мали деца, не знам ни јас веќе што зборувам, ако ми верувате!
-Колку пари тој Дедо Мраз ми извади од џебот! Едвај чекам да се отсели назад на својот Северен Пол!
-Па добро, но дури и ако детето не верува во Дедо Мраз, повторно ќе му купувате новогодишни подароци. Во што е тогаш разликата?

Не бев подготвена да ја отворам таа расправа – дека подарокот е ист и дека е спектакуларен само затоа што детето мисли дека е од Дедо Мраз. Затоа што верува дека постои магично место во кое играчките се прават „по мерка“ за детето. Затоа што замислува работилница прекриена со снег, со лампиони, со магија, со ирваси. Затоа што замислува.

Тогаш мајката на Дејан, Снежа, 10 минути зборуваше како Дедо Мраз е чиста измама – го објаснуваше тоа со толкава страст што се посомневав дека мисли дека и јас, возрасна жена од 36 години, верувам во брадестиот дедо. Во ред е, Снежа, сакав да кажам, но ме маѓепса со приказната: децата не треба да се лажат и измамуваат, како ќе знаат да го ценат подарокот ако им ја кажеш таа глупост: Дедо Мраз го направил во својата работилница и го испратил. Мислам дека треба што порано да му ја кажеш на Димитрија вистината за Дедо Мраз! Дека си се збунила и не знаеш што ти било, но дека Дедо Мраз не постои!

-Мислиш дека треба да му кажеме на Димитрија дека Дедо Мраз не постои? – го прашав сопругот по роденденот. – Тој е толку среќен што ќе добие подароци, па сите оние песни што ги пеат во градинка… Но, што ако така го мамиме?
-Не оптоварувај се со глупости, Маја. Секое дете во еден момент сфаќа дека Дедо Мраз е лик од бајките. Тоа не е ниту лага, ниту измама, туку поттикнување на фантазијата. Исто како Пепелашка, исто како Снежана. Тоа е само убава и поучна приказна која покажува дека сè е поубаво ако фантазираме.

Тоа ме потсети на Ајнштајн – „Постојат 2 начини да го проживеете животот. Еден како ништо да не е чудо. Другиот, како сè да е чудо“. Ако нешто сакам да го научам детето, тоа е дека секогаш може да се избере начин на кој ќе живее. Дедо Мраз постои, Дедо Мраз не постои. Измама, лага, филозофирање во празно. Зошто не би ставиле сè во еден голем новогодишен пакет и би рекле: ОВА Е ФАНТАЗИРАЊЕ! ПОВЕЛИ, ПРАВИ СО ТОА ШТО САКАШ!

Кога ќе пораснеме, мислиме само на тоа дека сè е сериозно, дека нема чуда, дека ете само јас сум малер, треба да се помачам, ништо не паѓа од небо и така во недоглед. Па, ништо не паѓа од небо освен – Дедо Мраз. Тој е сега онаа ледена сенка, сошиена од идеја, од соништа, од проста вистина – ако сакаме животот да ни биде чудесен, треба таков и да го направиме. Можеби звучи премногу бајковито, но дури и возрасните „сериозни“ луѓе, кои „мислат како што треба“, имаат име за тоа – креативно мислење. Сета таа креативност, оригиналност и иновативност која од нас се бара преку образованието, а дури потоа во големи компании во кои работиме за плата – е онаа што не паѓа од небо. Достоинствено и убаво, облечен во црвен костим, во раното детство ни ја носи Дедо Мраз.

Можеби не постои Дедо Мраз, но она фантазирање, исчекување, радоста при отворањето подароци, наивната детска среќа… и тоа како постои. Фантазијата добро се прима таму каде што е отворено срцето.

Па сега, хо-хо-хо!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top