Иако вработените мајки се мајстори во извршување повеќе задачи, тие често се борат да ги исполнат нереалните очекувања кога станува збор за балансирање на работата и семејниот живот. Заедно со постојаното менување пелени, чувањето деца и жонглирањето со домашните работи, денешните жени поминуваат безброј часови на работа обидувајќи се да се искачат што е можно повисоко на корпоративната скала.
Сето ова е повеќе од предизвик, па неколку вработени мајки споделиле на порталот „Motherly“ како успешно постигнуваат баланс помеѓу работата и семејниот живот.
– Порано чувствував вина кога немав време да му помогнам на моето дете со нешто или немав време да го земам по неговите активности. Наместо тоа, моите деца мораа да се возат со автобус. Меѓутоа, тогаш некој ми рече: Слушај, си требаме едни на други. Некои мајки можат да организираат нивните деца да ги посетат ОН бидејќи тие работат таму 20 години. Други мајки прават убави украси за детските забави бидејќи имаат повеќе време. Затоа мојот совет е следниот – сакајте ги мајките околу вас и помогнете им. Тоа е моето правило број еден“, вели Кристен Долард, успешен извршен директор и мајка на две момчиња.
„Веќе не се дружам со луѓе кои ме исцрпуваат со својата негативна енергија. Знам дека е строго, но немам многу часови и минути во денот за да си го трошам времето на лоши мисли. Луѓето со кои се дружиме имаат големо влијание врз нас и нашите животи, па затоа треба да го избереме позитивното“, советува Робин О’Брајан, 45-годишна писателка и мајка на четири деца.
„Поставив цврста граница помеѓу работата и семејството. Иако секогаш добивам безброј пораки во еден ден, мојот компјутер и ајпад речиси секогаш се исклучени кога сум дома. Не сакам да бидам во искушение да читам или да одговорам на нив кога не сум на работа. Само кога Вил ќе заспие на крајот од денот, ги читам мејловите што ги добивам за да се надоврзам на сè што сум пропуштила откако го напуштам работното место, но тоа го ограничувам на максимум 90 минути. Тешко е целосно да се исклучи, но ова е еден од триковите кои најмногу ми помагаат да го задржам разумот“, вели Џилијан Роско, успешен претприемач и млада мајка.
„Не преоптоварувајте се со домашни работи. Слободно побарајте помош од сопругот, бебиситерката, па дури и од постарите деца за да бидете во тек со домашните работи. Многу балансирате, но домашните обврски се нешто што апсолутно секој може да го направи. Не мора сè да биде ваша задача“, советува Колин Кејлерс, менаџер за дигитален маркетинг и мајка на три деца.

„Мојот омилен начин да создадам рамнотежа помеѓу семејството и работата е да ручам со децата надвор од дома, во текот на неделата кога ќе завршам со моите обврски. Тоа ме освежува затоа што ми овозможува да имам одмор каде што ќе можам да се дружам само со моите синови. Разговараме за тоа што направиле тој ден или во кој парк ќе одиме пред вечерата“, открива Николет Мартин, 34-годишна координаторка и мајка на два сина.