Воспалението на средното уво, познато и како отитис медија, е една од најчестите детски болести. Најчесто се јавува во првите две години од животот на детето, а истражувањата покажуваат дека дури 60-70 отсто од децата барем еднаш го имале ова воспаление во првите три години од животот. За жал, кај многу мали деца воспаленијата се повторуваат.
Како се јавува и зошто често поминува незабележано?
Воспалението на средното уво понекогаш може да трае и неколку месеци без изразени симптоми, па често поминува незабележано и од страна на родителите, и од воспитувачите, и од наставниците.
Кај некои деца се открива дури кога ќе се посети лекар поради чести респираторни инфекции. Кога симптомите се присутни, детето може да чувствува болка, притисок во увото и покачена температура, што предизвикува голема непријатност и раздразливост.
Кај здравото уво, средното уво е исполнето со воздух кој овозможува непречен пренос на звукот до внатрешното уво. Кај воспалението, тоа подрачје често е исполнето со леплива течност што може да предизвика преносно губење на слухот, така што звукот едноставно не стигнува до внатрешното уво како што треба.
Можно влијание врз развојот на јазикот и говорот
Поради наизменичниот период на нормален и намален слух, детето понекогаш добива „испрекинат“ говорен сигнал токму во периодот клучен за развојот на јазикот и говорот (првите три години од животот). Иако новите истражувања покажуваат дека повеќето деца не развиваат значителни проблеми, кај некои деца сепак може да се јават одредени предизвици.

На пример, детето може да има проблем со правилниот изговор на одредени звуци (како с, з, ц) или со разликување на звучно слични зборови (на пр. коза – коса).
Експертите претпоставуваат дека привремената загуба на слухот може да го отежни препознавањето на звуците, вештина која е важна и за читање и пишување. Истражувањата потврдуваат поврзаност помеѓу честите и повторувачки воспаленија на средното уво и зголемениот ризик од тешкотии во читање и пишување.
На што треба да обрнат внимание родителите?
Иако кај повеќето деца по воспалението на увото нема трајни последици, добро е да се биде внимателен.
Доколку забележувате дека вашето дете:
- често не реагира кога го викате или морате да повторувате зборови;
- меша слични зборови или тешко разбира што зборуваат другите;
- пушта глас на телевизорот или другите звуци;
- зборува многу гласно;
- често прашува „што?“ или „молам?“;
- често го допира увото без очигледна болка;
и знаете дека е склоно кон воспаленија на увото, добро би било да се консултирате со лекар.
По прегледот, лекарот можеби ќе ве упати на дополнителна проверка на слухот. Причината е што тешкотиите во говорот, разбирањето или изговорот понекогаш можат да бидат поврзани со проблеми со слухот. Проверката на слухот помага да се утврди дали детето правилно ги слуша сите звуци потребни за развојот на говорот и јазикот, што е клучно за планирање ефективни вежби и поддршка во терапијата.