Јас и ти сме (возрасни) пријателки и знаеш што, секогаш кога ќе се видиме го користиш твојот „ајфон“. Јас немам „ајфон“, но многу ми се допаѓа твојот. Ајде да се договориме да го делиме, пријателски, малку ти, малку јас, добро? Не? Штооо? Твој е, велиш? Па што? Ние сме пријателки, а пријателите делат работи… И понатаму не??? Баш си за никаде…
А дали ќе ми ја позајмиш таа твоја златна алка? Знаеш, онаа што ти ја купи сопругот за годишнината. Добро би одговарала со мојот фустан за забавата на која одиме в петок. Не може, затоа што сакаш ти да ја носиш? Па зарем мораш секогаш да ја носиш? Секогаш е кај тебе, можеш да ја носиш кога сакаш. А имаш и други, нели? Ајде, дај ми ја, те молам, пријателки сме. Не може??? Уф, баш си себична.
Можеби можеш да ми ја дадеш таа твоја нова чанта, добро би ми прилегала. Ниту тоа не може??? Готово е, нема повеќе да се дружам со тебе.
Приближно вака звучи, преведена на ниво на возрасни, идејата за споделување на личните работи на која ги учиме децата. Ова е сликата во светот на возрасните, за тоа што го очекуваме од децата, кога ги учиме да споделуваат.
Па, како ви звучи сето тоа?
Дали ние, возрасните, ги позајмуваме (замена за зборот споделување во светот на возрасните) сите наши работи? Дали некогаш би побарале некој да ви го позајми горенаведеното? Сигурна сум дека не. Па, зошто очекуваме малите деца да го сторат истото? Децата имаат право на свој имот, исто како и ние, возрасните. Затоа, има работи кои не ги делиме, односно не ги позајмуваме. Ќе позајмиме книга, но не и рачниот часовник. Па зошто децата не можат да постапуваат исто така?
Детски играчки како кукли, автомобили, багери – се всушност мобилни телефони, таблети, чанти, накит – кај возрасните. Нивните играчки се единственото нешто што можат да го наречат свое, кое им припаѓа ним и на никој друг. Им ги купуваат мајките, татковците, дедовците, бабите за роденден, Нова година или други пригоди затоа што самите не можат да ги купат. Можеби тие се посебни за нив токму поради таа причина. Значи, ако на една возрасна жена може да ѝ биде посебен накитот што нејзиниот сопруг ѝ го подарил, да биде нешто што е само нејзино и што не сака да го сподели и ако таа има право на тоа, зошто за детето не може да биде посебна куклата или багерот играчка што му ја купиле баба и дедо за роденден?
Ајде да видиме како она што ние возрасните го правиме, ќе звучи преведено на детско ниво:
Да речеме дека вашето дете има омилена играчка или неколку што не сака да ги сподели затоа што се посебни за него. Вие тоа го прифаќате како факт и му велите: „А доаѓа да не посети. Знаеш дека ќе си играте со вашите играчки. Ако има играчки што не сакаш да ги споделиш со неа, тогаш ќе ги тргнеме и никој од вас нема да игра со нив. Кажи ми, кои се тие играчки?“
Кога детето ќе ги избере играчките, вие велите: „Сега ќе ги тргнеме настрана овие играчки. Не барај од мене да ги донесам. Ако ме замолиш да ги донесам, мора да бидеш спремна да дозволиш и А да си игра со нив. Дали ме разбираш?”
Па велите: „Добро погледнете ги овие играчки. Што и да остане, мора да бидеш подготвена да го споделиш со А. Дали има нешто друго што сакаш да го оставиме настрана?“ Се разбира, треба да останат доволно играчки за играње. Тогаш сте подготвени за дружење и споделување.
Истото може да се направи и со играње во парк/песок/игралиште.
Сте го однеле детето да си игра во песок со неговиот багер. Одеднаш се појавува друго дете кое сака да си игра со истиот багер. Детето не е должно да му ја исполни желбата и не е себично ако не сака да го стори тоа. Ниту другото дете било повикано да си играат заедно ниту се познаваат. Вие му велите: „Мислам дека ова момче сака да си игра со твојот багер. Кога ќе бидеш подготвен да го споделиш со него, кажи му“.
А на другото дете му велите: „Сега не е подготвен да го дели багерот“. Вака емпатично му покажувате на детето дека е во ред што не сака да дели и дека има право на време поминато со својата играчка. Тој ќе се чувствува почитуван и постои голема можност во одреден момент да каже и самиот дека е подготвен да ја сподели. Можеби не првиот пат, но ако продолжите да покажувате почит кон неговите желби и предмети, можеби следниот, или третиот. А кога ќе се случи, тоа ќе биде голема педагошка, психолошка и социјално-емоционална победа за него и за вас како родител.
На овие начини покажувате неколку работи: емпатија кон детето и неговата одлука да не сподели нешто. Го учите и што е тоа „мој предмет“ и покажувате разбирање и за тоа. Со ова чувство детето ќе биде подготвено да го прифати истото од другите, кога и тие нема да споделуваат сè. Ќе знае да цени нешто што е „негово“ или „нејзино“, а во исто време сте го научиле на културата на споделување.
Автор: Лидија Смирнов
912