Од самото раѓање децата се зависни од родителите. Мајката е таа која на бебето му обезбедува сѐ што му е потребно за преживување и непречен развој.
Татковците, пак, го поттикнуваат психо-физичкиот развој, емпатијата, му помагаат на детето полесно да се соочи со емоциите и му даваат чувство на сигурност. Но, во времето кога почнува првото одделување од родителот – одењето во градинка, доаѓа и до поинтензивен страв од одделување и страв од непознати луѓе.
Стравот од одделување почнува да се манифестира уште на 6-месечна возраст, а врвот е меѓу 10 и 18 месеци од животот на детето. Детето тогаш почнува да е свесно дека тоа и мама се две посебни личности. Според детската логика, тоа значи дека мама и тато можат кога било да го остават, а тоа може да го загрози неговиот живот. Баш затоа децата почнуваат панично да плачат кога ќе ги изгубат родителите од вид, а се радуваат кога повторно ќе се појават.
Помеѓу 12 и 24 месеци од животот на детето почнува да се манифестира и страв од непознати луѓе. Почнуваат малку по малку да сфаќаат како функционира светот околу нив и дека во него постојат опасности. Еве пример како малото дете размислува: – Ти за мене си непозната личност, може да ме повредиш.
Всушност, овие стравови се начин на кој природата се погрижила да му обезбеди на детето преживување и да го заштити од можни опасности надвор од неговото семејство.
Како да го подготвите детето за одење во градинка?
Денес, за среќа, во градинките постои период на приспособување на детето што му овозможува да го запознае новиот простор, децата и тетките што за него се непознати, од кои не знае што може да очекува, но на кои ќе мора да им верува и од нив ќе зависи. Во време кога стравот од одделување и стравот од непознати е на врвот, родителите треба дополнително да им помогнат на децата да се приспособат на новите околности.
1. Прошетајте покрај градинката за детето да види како другите весело играат. Покажете им фотографии од внатрешноста и од активностите.
2. На децата треба да им кажете дека таму ќе има многу други деца и дека ќе мора да делат играчки, а наместо родителите, ќе ги чуваат нови тетки.
3. Исто така, треба да му дадете до знаење дека само ќе оди во веце, ќе дели играчки, само ќе јаде и слично. Затоа е добро детето само да извршува активности, како јадење и облекување.
4. Исто така, би било добро да зборувате убави работи за градинката и за новите и возбудливи нешта што го чекаат детето таму. Тоа ќе му предизвика дополнителен интерес и желба за истражување на новото.
5. Би било добро на детето да му се објасни рутината на одење и заминување од градинка и што таму го очекува (појадок, играње на отворено, ручек, спиење и слично).
Не смееме да заборавиме дека децата сакаат рутина. Таа им дава чувство на сигурност и контрола. И кога ќе се наруши, тоа кај нив предизвикува страв и несигурност што често се изразува со агресија или испади на бес.
Автор: Ива Брчиќ, психолог
Подготвил: Тамара Гроздановски
912