Од перспектива на сензорната интеграција на опкружувањето, просторот во кој децата престојуваат, предметите околу нив ги набљудуваме како извор на сензорни информации кои се еднакво смирувачки и возбудувачки. На пример, природното светло и материјалите што апсорбираат звук во просторот во кој престојуваат им помагаат на малите деца во организација на сензорни стимуланси. Спротивно на тоа, силното вештачко светло, бучната и хаотична атмосфера која многу возбудува доведува до деорганизација. Големата возбуденост прави тешкотии во фокусирањето на вниманието кај повеќето мали деца.
Бебињата и малите деца што имаат сензорно-интегративни тешкотии треба да бидат насочени на одржување сензации на само еден модалитет во одредено време. Ако дојде до комбинирање на два или повеќе сензорни модалитети, може да се јават тешкотии во организацијата на однесувањето. Кога аудитивниот стимуланс се комбинира со визуелниот, бебето може да стане премногу стимулирано и неспособно за главното внимание. Покрај физичкото, тука е и социјалното опкружување на родителите, децата и другите возрасни, што вклучува интеракција со нив, а тоа во голема мера влијае врз сензорната интеграција. Сите оние што доаѓаат во контакт со бебе и мало дете се главен извор на сензорни информации.
Физичко и социјално опкружување
Чувствителен возрасен може да даде сигурност со блага насмевка и цврсто притискање додека го држи бебето во прегратка. Детето може да одговори на тоа со добра организација на однесувањето, да има оптимална возбуденост, фокусирано внимание, па со стапување во интеракција да покаже дека му е пријатно и има примерна активност. Некој друг може на детето да му пријде со повеќе врева, да има пресилен допир и детето да биде премногу стимулирано, што веднаш ќе доведе до негова дисрегулација. Децата што имаат тешкотии во организацијата на сензации од сопственото тело, но и околината, развиваат карактеристични шеми на однесување кои можат да ја попречат нивната способност да истражуваат и да стапуваат во интеракција со другите на примерен начин.
Значење на допирот
Тактилниот систем се развива уште во матката и новороденчето може веднаш да препознае некои телесни допири и да одговори со рефлексни движења. Ова се вродени реакции, но сензорните доживувања мора да се интегрираат за рефлексот да се појави на смислен и намерен начин. Во најраната возраст допирот е важен извор на емоционално задоволство. Кожата е граница на нашето „јас“, па така допирот за бебето е извор на сигурност. Дури и ако мајката го прегрнува и го гали своето бебе, тоа нема да ја задоволи потребата на детето ако слабата сензорна интеграција ја попречува обработката на чувството за допир. Ако тој прв допир е нецелосен, ќе биде тешко да се создаде емоционална поврзаност подоцна во животот.
Со помагањето на бебето да се смири, тоа учи само да управува со своето однесување, додека мајката веќе работи на концентрација и будност на детето. Ако од која било причина односот мајка-дете е нарушен, доаѓа до дисфункција, па мајката ќе биде премногу вклучена или исклучена.
Рано препознавање на тешкотиите во сензорната интеграција
Низ играта детето ги прима сензорните информации од своето тело и од просторот во кој се наоѓа, што е важно за физички и емоционален развој. Притоа, детето се „забавува“, ужива во она што го прави. Доколку стане премногу возбудено, тажно, агресивно, можно е тоа да доаѓа од некоја тешкотија во сензорно-моторна обработка.
Проблемите со сензорната дисфункција се уочуваат дури кога ќе се истакнат тешкотиите во учењето. Раното препознавање им помага на родителите да го согледаат проблемот од вистински агол и со тоа да му помогнат на детето да развие оптимални процеси на сензорна интеграција. Целта на сензорно-интегративните интервенции е воспоставување добар баланс помеѓу сензорните барања што доаѓаат од физичкото и социјалното опкружување и ресурсите на детето со кои тоа може да одговори и да ги надмине таквите барања за да се стекне подобро приспособливо решение. Доброто опкружување не е лишено од предизвици, тоа се ситуации на оптимални предизвици кои поттикнуваат процес на учење и целокупен развој.
Автор: Снежана Милановиќ, дипломиран физиотерапевт, сензорно-интеграциски терапевт