Можеби сте слушнале дека може да донесе одредени компликации, но не сте сосема сигурни што значи тоа. Во овој текст откриваме што точно значи негативен Rh-фактор доколку сте бремени и на што треба да внимавате.
Што е негативен Rh-фактор?
Rh-факторот е всушност протеин кој се наоѓа на површината на црвените крвни зрнца. Луѓето со позитивен Rh-фактор (околу 85% од светската популација) го поседуваат овој протеин, додека оние со негативен Rh-фактор всушност го немаат овој протеин.
Што може да биде проблемот во бременоста?
Ако сте со негативен Rh-фактор, но и вашиот партнер има негативен Rh, не грижете се бидејќи и вашето бебе ќе има негативен Rh-фактор. Но, ако вие сте негативни, а вашиот партнер е позитивен, бебето може да биде и двете. Проблемот се јавува кога мајката е негативна, а бебето позитивно. Како и со автоимуните болести, се случува мајчиниот организам да го препознае споменатиот протеин во црвените крвни зрнца на бебето (Rh-фактор) како туѓо тело, односно инфекција и да го активира одбранбениот механизам. Телото на мајката создава антитела на Rh-факторот, тие стигнуваат до црвените крвни зрнца на бебето преку плацентата и го уништуваат протеинот. Тоа може да предизвика последици како анемија, жолтица, срцева слабост, зголемување на органите… Во првата бременост не постои ризик од напад на црвените крвни зрнца на бебето бидејќи сѐ уште нема антитела во телото на мајката. Антителата се создаваат при директен контакт помеѓу крвта на мајката и бебето, што се јавува за време на породувањето, евентуално ако се изврши амниоцентеза. Затоа, кај жените што имаат негативен Rh-фактор, амниоцентезата се избегнува или се изведува под посебни околности, иако денес е среќа што постојат неинвазивни пренатални тестови.
Проблемот се јавува во наредните бремености бидејќи со првата бременост, поточно раѓањето и контактот на крвта на мајката и бебето, се зголемила чувствителноста на мајчиниот организам на Rh-позитивниот фактор и се создале антитела на Rh-протеинот. Ова конкретно значи дека во првата бременост со Rh-позитивно бебе нема да имате никакви проблеми, но во вашето тело останува „тригерот“ за втората бременост, бидејќи тогаш вашето тело веднаш ќе го вклучи „алармот“ за Rh-позитивен фактор што можеби ќе го има вашето друго бебе. И тука можат да настанат компликациите за кои стана збор претходно.

Третман
Меѓутоа, ако имате Rh-негативен фактор, нема причина за паника. Тоа не значи дека не смеете да останете бремени по втор, трет, четврти пат. Постојат третмани кои целосно го спречуваат производството на антитела на Rh-факторот и го намалуваат ризикот од можни компликации на минимум. Сепак, ова е 21 век и медицината многу напреднала, така што нема причина за грижа. Жената се третира со Rh-имуноглобулин, кој го спречува производството на антитела кои ги напаѓаат црвените крвни зрнца на вашето бебе. Меѓутоа, бидејќи досега не е проверен Rh-факторот на бебето во текот на бременоста, Rh-негативните мајки во секој случај добивале третман, без разлика дали бебето е негативно или позитивно. Третманот вклучува една инјекција на Rh-имуноглобулин (Rogam) во текот на 27. недела од првата бременост и една набрзо по породувањето. Некои лекари даваат втора инјекција само ако се покаже дека бебето е Rh-позитивно, додека други ќе ја препишат без разлика на тоа.
Нема причина да се грижите, важно е само да се придржувате до сè што вашиот лекар ќе ви препорача и ќе ви препише по потреба.
Автор: Весна С.