Игротека

„Како вашите ќерки да бидат среќни ако јас го воспитувам синот дека љубовта се дозира со мало лажиче“

Отсекогаш знаев дека ќе родам син. Тој е мојот универзум, мојот свет, мојата љубов, мојата радост, мојот живот, мојата сила, моите крилја и мојот сон. Тој е бестрашен и паметен. Тој е дете на природата, на зелената трева, на удрените колена, високи крошни, брзина и сила. Тој е сè што јас никогаш не бев.

Навидум недопирлив и самостоен, вистински мал волк, мојот Вук е дете полно со љубов, големо срце и нежна душа. Душа нежна како свила, поранлива отколку што сакам да биде, искрен поглед и топла прегратка.

Помислувам понекогаш дека премногу се давам себеси како мајка. Се прашувам дали премногу го сакам, галам и дали премногу му обрнувам внимание? Дали треба да го пуштам да го посака мојот допир и мирис, да почувствува самотија и да посака блискост? Ми велат дека тој е момче и не смеам да го сакам толку. Мора да биде машко, да стане цврст. Кога ќе заплаче за ситница, ги гледам погледите на другите мајки, кои ми велат:

„Викни му, не смее да плаче! Мора да биде машко!“ Тие исти мајки, тие исти погледи, покрај себе имаат сопрузи, татковци и синови кои не им посветуваат внимание, па можеби ни доволно љубов и почитување. Сите тие копнеат по прегратка и бакнеж. Сите тие сакаат да ги чујат зборовите: „Те сакам! Те сакам жено, те сакам мамо, те сакам ќерко!“

Како тие исти мажи да научат да сакаат ако им ги скратиме бакнежите и прегратките?

Како тие исти синови да ги почитуваат вашите потреби ако вие сте ги ставале нивните под тепих, за да станат „вистински мажи“. Како вашите ќерки да бидат среќни, задоволни и сакани ако јас го воспитувам мојот син дека љубовта е неважна и дека се дозира со малечко лажиче… Ќе дојдете ли на мојата врата да ми честитате што тој станал маж кога вашата ќерка ќе заплаче на вашето рамо бидејќи не е сакана и ценета?

Дали воопшто размислувате за тоа?

Јас не воспитувам само син, туку и иден сопруг и татко, а пред сѐ човек. Не сакам да стане празен и силен, туку одважен, самоуверен и исполнет. Љубовта што му ја давам сакам да ја носи низ животот како штит од лошите луѓе, тешките облаци и матните дождови. Нежноста што му ја давам сакам да научи и тој да им ја дава на оние што вредат. Бакнежите што несебично ги делам, сакам да ги запомни, да ги впише во себе за деновите кога нема да бидам тука да му пружам рака, допир, ниту збор. Сакам едно – да научи да се цени себеси и животот кој му е даден, да не го прокоцка на празнина, самотија и надменост. Сонувам утрата да му започнуваат со насмевка, а вечерите да му завршуваат со чувство на мир, среќа и исполнетост. Сакам неговиот пат да биде чист, исполнет со камчиња од искрени соништа кои водат зад виножитото и раката и душата никогаш да не му бидат празни. Сакам неговото срце да порасне за да може да се сака себеси и другите. Сакам да научи дека блискоста е природна како воздухот, да не се плаши да се предаде, па дури и ако изгуби една битка, да знае дека сето тоа се случило за во другата битка да победи.

Јас не воспитувам само син, туку и иден сопруг и татко, а пред сѐ човек

На крајот, не е ни важно што ми говорат вашите очи. Не ми е важно ни тоа што вашите усни не се срамат да ме опоменат. Не сте ми важни ни вие што мислите поинаку. Ни книгите ни сите списи на овој свет не можат да ме убедат дека постои премногу љубов во едно суштество. Како последно, важно е што сакам да ти кажам тебе, мило мое момче:

– Сине, знам, ќе има промашени љубови, измамнички денови, неправедни луѓе. Едно те молам, немој да престанеш да се сакаш себеси. Немој да престанеш да веруваш во љубовта. Не помирувај се во животот со помалку од она што ти го даваме како дете. Животот е еден, фраза која е клише, но е единствената правилна. Ти си еден. Ти си мој. Ти си наш. Сега и засекогаш. Летај високо, скокај, не дозволувај бесцелно да паѓаш! Стани, продолжи и пркоси! Пркоси му на ветрот, на дождот, на бурата. Живеј го животот за да го почувствуваш, не бори се со себе, не оди по туѓи патишта. Чекори по својот пат и сонувај ги своите соништа. Кога е тешко, прегрни го она што го носиш во душата, насмеј се, заврти се и оди. Биди шума, густа и непокорлива, биди вода, биди оган. Биди волк.

Автор: Кристина Митриќ

Поврзани написи

To top