Игротека

Како вашето дете да стекне добри вештини за користење на интернетот?

Оваа година мојата 9-годишна ќерка ја доби својата прва истражувачка задача на училиште. Беше возбудена што ќе учи нови факти, но особено ѝ беше драго што работи во пар со едно момче од одделението, не затоа што ѝ се допаѓа, туку затоа што, како што рече, тој бил „многу добар на интернет“. Таа реченица ме погоди како аларм: сфатив колку интернетот со кој јас пораснав е сосема различен од оној со кој таа допрва почнува да се запознава.

Кога ја прашав што значи тоа „добар на интернет“, ми објасни дека тој знае кои веб-страници да ги користи и како правилно да формулира пребарување за да добие смислени резултати. Тогаш ми стана јасно дека дигиталната писменост денес е многу повеќе од технички вештини. Не се работи само за користење компјутер, туку за критичко размислување, препознавање дезинформации и разбирање како функционираат дигиталните алатки и платформите како „Инстаграм“, „Фејсбук“ и „Твитер“.

Според Националната асоцијација за медиумска писменост, дигиталната писменост е клучна вештина за 21 век. Но реалноста е загрижувачка: голем дел од возрасните и учениците имаат сè послаби дигитални способности. Една од причините е тоа што самиот интернет станува сè понепрегледен. И како не би бил непрегледен кога „Мета“ го укина проверувањето на фактите, а се зголеми влијанието на содржини од „Тик-ток“ и имаме масовна појава на генеративна вештачка интелигенција.

Експертите се согласуваат дека образованието е клучно, но проблемот е што ниту родителите ниту наставниците често не се доволно подготвени. Тука важна улога имаат организации како „Комон сенс медиа“, која нуди бесплатни наставни програми за дигитално граѓанство, и „Code.org“, која ги учи децата како функционираат компјутерите и вештачката интелигенција.

Наместо само строги забрани и родителски контроли, експертите советуваат отворени, соодветни разговори со децата за тоа зошто постојат правилата и како самите да научат да се снаоѓаат онлајн. Целта не е децата да се изолираат од интернетот, туку постепено да стекнат вештини за безбедно и одговорно користење.

Јас веќе разговарам со ќерка ми за вештачка интелигенција кога користи функции на „Спотифај“, за комуникациска култура кога пишува пораки и за вистина и лага кога заедно пребаруваме информации. Таа сè уште не се смета себеси за „добра на интернет“, но можеби е на вистинскиот пат – чекор по чекор, со разговори, доверба и заедничко учење.

Извор

Поврзани написи

To top