Марија Десподова, психолог, едукатор

Марија Десподова, психолог, едукатор

е-пошта: marijadespodova@gmail.com

Повеќе од авторот

Следејќи го детето како поминува низ фази во контакт со уметноста може многу да се научи за неговиот социјален, уметнички, интелектуален, детски, емоционален, психолошки и креативен развој

Уметничкото изразување ни нуди простор каде што секој од нас може да експериментира со нови одговори на негативните чувства кои ги носиме во себе. Арт-терапијата која е интеграција на психотерапевтски техники ни ја посочува важноста на цртежите кои децата и возрасните ги создаваат. Придавајќи им значење и во секојдневниот контекст, а не само во оној терапевтскиот, можеме да согледаме и дознаеме нови и значајни сегменти за чувствата и мислите на децата, кои остануваат несогледани во останатите секојдневни форми на изразување.

Кога нештата ги прикажуваме визуелно, како што е цртежот, а не вербално, ослободени сме од филтрите низ кои поминуваат нашите мисли и чувства. Цртањето ни дава една различна перспектива на согледување на нештата во релација со себеси.

Затоа, цртежот има свое посебно значење и своја индивидуална интерпретација на оној кој го нацртал. Не можеме да говориме за нечиј цртеж и притоа да го интерпретираме доколку оној што го нацртал не го прашаме за неговото значење.

За време на детството кај сите деца доаѓа до прогресивни промени во нивното уметничко изразување. Овие промени ни помагаат да го следиме нивниот развој.

Цртежите ни помагаат во согледување на типичниот и нетипичниот развој на децата природно поминувајќи низ промени во уметничкото изразување во зависност од нивната годишна возраст.

Следниот приказ ни ги посочува основните карактеристики на секоја од тие фази и промени. Oна што треба да го знаеме е тоа дека ова е универзална теорија за сите деца во светот без разлика на нивната раса, социоекономски статус, култура итн. Сите деца поминуваат низ секоја од овие фази и ниту една од нив не е прескокната. Секоја фаза е флуидна и динамична.

18 месеци – 3 години

За време на оваа фаза детето ги остава првите траги нa листот хартија во форма на чкртаници. На почетокот контролата на движењето е слаба но со текот на времето се подобрува. Боите не се избираат свесно адетето сака да црта поради кинестетичкото искуство кое го доживува. При крајот на оваа фаза почнуваат да даваат имиња на она што го нацртале.

3-4 години

Децата сакаат да разговараат за нивните цртежи. Вниманието и концентрацијата се ограничени. Но, значењето на она што го цртаат може брзо да се промени. Најчесто цртаат форми како триаголник, квадрат, круг кои што претставуваат личности од нивните животи и ова е нивниот прв обид да комуницират со другите преку своите цртежи.

4-6 години

Цртање примитивни човечки фигури. Некои деца почнуваат да ги асоцираат боите во цртежот со она што се наоѓа во околината. Повеќе се заинтересирани за цртање на фигурата отколку за нејзиното боење. Затоа што децата не се засегнати со односот на објектите ги цртаат како лебдат и непропорционално.

6-9 години

Децата за време на оваа фаза напредуваат брзо во делот на уметнички способности. Значаен е развојот на визуелните симболи за човечките фигури, животни и другите објекти во средината. Боите се користат објективно, некогаш и ригидно (сите листови мора да бидат во зелена боја). Употребуваат основна линија (копно каде што се наоѓаат објектите) и линија која го одделува небото. Карактеристично е користењето на варијации на големината за да емпатизираат со својата важност како, на пример, да се цртаат себеси поголеми од дрвото.

9-12 години

Заинтересираност за прикажување на она што го перцепираат како реален елемент. Во оваа фаза листовите од дрвјата можат да бидат во различни бои, а не само зелена боја. Човечката фигура има повеќе детали и се одликува со полови карактеристики. Некои од нив креираат и стрип приказна каде што себеси се прикажуваат во улога на возрасен.

По 12-тата година

Многу деца и возрасни никогаш не ја достигнуваат оваа фаза на развој, затоа што ја запоставиле уметноста околу десеттата година поради други интереси кои се појавиле во овој период или поради големата себекритичност, сметајќи дека никогаш нема да ги поседуваат тие способности за цртање. Оние кои продолжиле да ја практикуваат уметноста, во своите цртежи вметнуваат многу повеќе детали и ја усовршуваат работата со многу различни материјали создавајќи апстрактен цртеж.

(Белешка: Засновано на работата од Ловенфелд и Британ (1987), Гарднед ( 1980), Келог ( 1969) и Винер (1982)).

Некои од децата остануваат во одредена фаза подолго време, односно возможно е да постои способноста кај нив, но да им недостига поддршка која што е најдобро и најсоодветно да ја добие од квалификуван терапевт.

Според Винер (1982) децата можеби имаат „лична визуелна логика“ која влијае врз сместувањето на објектите на листот каде што цртаат, нивната боја и линиите, или пак, развиваат индивидуални симболи за луѓето и објектите во нивната средина. Доколку овој сегмент е присутен, истиот се смета за типичен аспект од развојот на уметничкото изразување.

Следејќи го детето како поминува низ овие фази во контакт со уметноста може многу да се научи за неговиот социјален, уметнички, интелектуален, детски, емоционален, психолошки и креативен развој преку проучување на нивните уметнички дела, односно нивните цртежи.

Она што не треба да се заборава е дека фазите не можат да се забрзаат, тие можат да им помогнат на родителите, eдукаторите и наставниците да развијат и создадат лекции за уметноста и активности кои што ќе бидат соодветни на возраста.

Во Соединетите Американски Држави, цртежите нацртани за време на арт-терапија служат како доказен материјал во судските постапки. Од овој пример се согледува големата значајност која што им се придава на цртежите во останатите земји.

Оваа статија е со цел да се подигне свесноста кај секој од нас, во делот на давање важност на цртежите кај децата, затоа што често е занемарен, а значајноста која што ја има е голема и суштинска.



912

X