Родителството отсекогаш било стресно, а денес е сè постресно. Истражувањата покажаа дека најстресно е кога првпат стануваме родители. Ова не е нималку неочекувано бидејќи знаеме дека ова е време кога учиме да се справуваме со цела низа стресови: од стресот кога го земаме бебето в раце до стресот за тоа дека треба да се грижиш за безбедноста на бебето и да го одржуваш во живот.
Во една ново истражување, истражувачите заклучиле дека високото ниво на кортизол кај новите мајки влијае врз зголеменото наметливо родителско однесување и намалениот одговор на мозокот на плачењето на доенчињата во регионите на моторното планирање и аудитивната обработка. Во превод, ова би значело дека мајките кои биле под поголем стрес имале помала веројатност да им дозволат на своите бебиња да ја водат нивната игра и помалку реагирале на нивниот плач.
Еве како точно доаѓа до тоа, односно каков механизам стои зад него. Хормонот кортизол најчесто се нарекува „хормон на стрес“ и неговите нивоа природно флуктуираат во текот на денот. Овој хормон има многу важни улоги во телото, како што се регулирање на имунолошкиот систем и антиинфламаторните механизми, а ја диктира и нашата реакција во стресни ситуации – борба или бегство. Стресот предизвикува зголемување на нивото на кортизол, но нивото брзо се враќа во нормала.
Сепак, истражувањето покажало дека високите нивоа на базален кортизол се поврзани со помалку ангажирано родителско однесување. Веќе е докажано дека кај мајките на новороденчиња на возраст меѓу 3 и 6 месеци, повисоките базални нивоа на кортизол се поврзани со помала чувствителност и понаметливо однесување на родителите. Оваа наметливост се однесува на нивото до кое мајката го следи водството на детето и чека моменти за да се вклучи во интеракцијата без прекин.
Целта на истражувањето била да открие како кортизолот може да го промени функционирањето на мозокот на мајката и да објасни зошто и како оваа промена се пренесува на нивното родителско однесување.

– Целта на ова истражување беше да разбереме како меѓусебно дејствуваат биолошките системи кои го поддржуваат родителството. Знаеме дека транзицијата кон родителство е критичен период во кој мозокот и телото се менуваат за да го поддржат развојот на родителството. Конкретно, сакавме да разбереме како влијанијата од околината, како што се постпарталниот и хроничниот стрес, ги ублажуваат биолошките промени во овој период – рече Ендрју Ерхарт, автор на истражувањето.
Истражувањето следело 59 мајки кои првпат се породиле и имале доенчиња на возраст од 3 до 4 месеци. Овие мајки реагирале на тестовите во домот и во лабораторија, каде што истражувачите ги проценувале нивните нивоа на кортизол, однесувањето за време на интеракции со доенчињата и реакциите на мозокот на плачењето на новороденчето.
Дома, истражувачите набљудувале интеракции помеѓу мајките и нивните бебиња, без употреба на играчки. Потоа го следеле однесувањето, односно чувствителноста на знаците на бебето и ненаметливоста на мајката. Истражувачите собрале примероци на кортизол за време на овие епизоди за да ја одредат просечната концентрација на кортизол на мајките.
Во лабораторија мајките биле подложени на функционална магнетна резонанса (fMRI). Истражувачите им пуштале видеа од бебиња како плачат – нивното бебе и „контролно бебе“. Потоа, со помош на fMRI скенови ја мереле активноста во различни области на мозокот како одговор на плачот на доенчињата.
Дел од тестирањата спроведени во домовите откриле јасна поврзаност помеѓу мајките со повисоки нивоа на кортизол или повисок стрес и наметливо родителство. Скенирањето со fMRI, сепак, открило дека повисокиот кортизол е поврзан со намалена мозочна активност како одговор на плачењето на бебето во повеќе региони на мозокот. Ова намалување на мозочната активност, што тие го поврзале со понаметливо родителство, ги навело истражувачите да заклучат дека мајките со повисоко ниво на кортизол реагирале послабо и насилно на нивните бебиња во неволја.
Истражувачите најмногу биле изненадени од фактот дека влијанието врз мозокот било повеќе фокусирано на областите на моторно планирање и аудитивна обработка, а не на емоционална регулација. Тие заклучиле дека се потребни дополнителни истражувања за да се разберат врските помеѓу функцијата на мозокот и однесувањето вклучено во овој процес.