Срамежливоста може да биде извор на фрустрација за родителите, но исто така, поради неа децата може да пропуштат добри можности што ќе им се појават на патот. Затоа, некои родители намерно ги изложуваат своите тивки и срамежливи деца на ситуации кои, според нив, треба да им помогнат да ја потиснат непријатноста.
Но, тешко дека овој притисок ќе ги донесе посакуваните резултати, а детето може уште повеќе да се повлече. Многу родители ги идентификуваат срамежливите мали деца како тивки и повлечени деца, кои избегнуваат социјални активности. Нема да помогне ако терате срамежливо дете да биде помалку срамежливо.
„Срамежливоста не е поврзана само со недостигот на желба за социјални активности, туку и со верувањето на детето дека другите го гледаат во негативно светло“ – објаснува психологот д-р Хелен Родвел.
На таква срамежливост честопати е сведок и Ана Фиорентини, директорка на театарското и филмско училиште „Ана Фиорентини“ во Лондон. Таа верува дека глумата и играњето улоги можат да им дадат доволно самодоверба на децата за да ја надминат срамежливоста.
-Верувам во придобивките од театарот и играњето улоги во животот на детето. Видов како повеќето од нашите ученици излегоа од својата „школка“ за само неколку недели благодарение на моќта на уметноста и слободата што му ја дава на детето да се изразува, да греши, па дури и да добие пофалби за учење нови вештини – вели таа.
Психологот Родвел споделува совети засновани на лично искуство кои би можеле да ви помогнат да го водите вашето срамежливото малечко дете.
Прифатете го детето какво што е и пофалете го
Родвел истакнува дека срамежливоста нема да му наштети на детето бидејќи многу мали деца развиваат социјална доверба додека растат. Но, во меѓувреме, родителите не треба да ги принудуваат своите деца да бидат посамоуверени и треба да ги прифатат такви какви што се.
„Многу е полесно кога не му пристапувате на детето со предрасуди. Обидете се да го прифатите ставот дека е во ред да се биде такво какво што е, дека е во ред што му треба време да се навикне на нови луѓе и места. На некои деца едноставно им треба повеќе време да прифатат нови луѓе, места и искуства“, изјавила Родвел.
„Подготвени сме да пофалиме уметничко дело или изведба и вложениот напор, но ретко размислуваме за тоа што всушност го пофалуваме. Бидете конкретни и препознајте го индивидуалниот напор што детето го вложило за да постигне нешто. Не претерувајте со пофалбите и резервирајте ги само за моменти кога навистина имаат значење“, вели Фиорентини.
Имајте на ум дека ова е фаза што ќе ја надраснат
Родвел вели дека срамежливоста е честа појава кај децата и може да се поврзе со различни развојни фази.
-Многу од малите деца често се плашат од непознати луѓе и места, а овој страв често го толкуваме како здрава врска со нивните родители. Како што растат децата, тие развиваат самодоверба и полесно се снаоѓаат со непознати луѓе и места. Ова овозможува развивање на самодовербата – вели психологот, додавајќи дека децата често ги гледаат родителите како примери за тоа како да се однесуваат во непозната средина.
„Тоа значи дека родител кој вообичаено не се снаоѓа во нови ситуации и е срамежлив, би можел да има еднакво срамежливо дете. Но, тоа не е сè, бидејќи и децата се под влијание на нивните искуства. Децата можат да развијат социјална самодоверба уште од мали нозе, поминувајќи време со своите врсници во градинките“, продолжува Родвел.
Бидете пример за детето и играјте со него
За да му олесните на детето да се справи со својата срамежливост, бидете му пример и покажете му како да се однесува.
-Бидете пример што детето може да го имитира. Имате повеќе влијание отколку што мислите врз однесувањето на детето – истакнува Фиорентини.
Родвел, коавтор на „Родителство со тераплеј“, вели дека родителите можат да помогнат да се изгради самодовербата кај децата преку игра.
„Не потценувајте ја моќта на играта која вклучува различни активности за вашето дете“, вели таа.
Можете да земете пердув и да го дувате кон детето барајќи од него да го врати на ист начин. Можете да дувате меурчиња од пена или да танцувате заедно.
„Овие навидум едноставни игри му помагаат на вашето дете да доживее забава и да се поврзе со вас, а штом ќе го почувствува тоа, ќе биде подготвено да изгради самодоверба. Ако јасно му ставите до знаење на вашето дете дека го сакате и го цените, тоа ќе му помогне да нема негативна слика за себе кога е со другите. Децата растат одвнатре кон надвор, а ако на детето му понудите љубов, прифаќање и поврзаност, тоа ќе биде најдобрата основа за идните социјални врски и создавање самодоверба“, истакнува Родвел.

Поттикнете ги интересите и работете на издржливоста
-Одлично е да се биде најдобар во нешто, но низа различни интереси и хобија ќе му овозможат на вашето дете да разбере дека може многу повеќе отколку што мисли. Тоа може да биде спорт, глума или нешто друго. Важно е само да започнете – советува Фиорентини.
Во животот, работите ретко одат онака како што ние ги замислуваме, а децата мора да го научат тоа.
„Работите често одат во погрешна насока и не успеваат, но важно е како се справуваме со тоа. Ако детето премногу размислува за нештата, може да стане премногу самокритично. Затоа е важно да го научите да прифаќа грешки и несовршености и да му објасните дека не мора да биде совршено за да биде прифатено. Покажете му на вашето дете како да стане откако ќе падне и да продолжи да се обидува. Отпорноста е вештина која најмногу ќе му користи во животот“, заклучува Фиорентини.
Автор: Жељка Крмпотиќ