Дали постои идеално време за одвикнување од пелените?
За одвикнување од пелените потребно е детето да достигне одредена зрелост што е неопходна во процесот на развивање на контролата за мокрење и празнење на цревата. Секако, децата се разликуваат по многу работи, па истото важи и за ова. Статистиката вели дека децата главно стануваат зрели и способни да ги контролираат физиолошките потреби помеѓу 18 и 24 месеци.
Можеби сте слушнале од вашите мајки и баби како своите деца ги одвикнале од пелени уште на една година. Некои сметаат дека денешните еднократни пелени се виновни што децата ги носат подолго време, бидејќи детето кога ги има на себе, не чувствува дека е мокро.
Без оглед на тоа, психолозите и педијатрите сметаат дека не треба насила да се става детето на нокширче бидејќи може да создаде контраефект и одбивност. Најважно е детето само да сфати дека гаќичките се поудобни од пелените и дека употребата на нокширче е побрза и поедноставна. Доколку вие како родители упорно инсистирате детето да се одвикне од пелените, тоа ќе дојде до заклучок дека гаќите му го уништуваат идеалниот живот што моментално го има во пелени.
Постојат разни знаци што на родителите им укажуваат дека детето е подготвено за одвикнување од пелени, а тоа се:
– Детето останува суво повеќе од два часа.
– По празнењето на цревата бара да го преслечете и измиете.
– Отворено вели дека пелената му пречи.
– Само бара нокширче или седи на него.
Доколку забележите некој од овие знаци, време е да почнете со одвикнување. Сепак, ви советуваме да се вооружите со трпение. На некои деца им се потребни неколку дена, а на некои неколку месеци. Има деца што имаат две или две и пол години, а сè уште не се подготвени да се откажат од пелените, па тоа го прават на три или четири години.
Знаци дека детето не е подготвено за одвикнување од пелените
Како што постојат знаци дека детето е подготвено за нокширче, така постојат и знаци дека не е подготвено. Доколку забележите некој од овие знаци, оставете му ги пелените бидејќи сè уште не е подготвено за одвикнување:
– Секогаш стои над нокширчето и мочка на подот.
– Се спротивставува, вреска, плаче секојпат кога ќе се обидете да му ја соблечете пелената.
– Ја соблекува пелената, а потоа се мочка на подот или тепихот.
– Оди низ станот со полни пелени, а потоа седнува на подот без знаци дека му е непријатно.
– Се крие во некое ќоше за да се искака.
– Ако му понудите нокшир, детето упорно негодува и вика дека не сака.
– Револтирано е секојпат кога на некој начин ќе споменете нокшир или одење во веце.
Дали постојат правила за одвикнување од пелени?
За одвикнување од пелени не постојат правила, но постојат совети што ќе ви олеснат.
– Купете нокширче и чувајте го на видливо место за детето да се навикне на неговото присуство.
– Обидете се да создадете одредени навики поврзани со нокширчето – ставајте го детето на него по будењето, пред или по оброкот, пред купување, пред прошетка и по прошетка.
– Не купувајте му музички нокшири бидејќи ќе мисли дека тоа е играчка, а не место за извршување голема и мала нужда.
– Не дозволувајте му предолго да седи на нокширчето бидејќи тоа може да предизвика спротивен ефект.
– Прашувајте го вашето дете дали му се оди во веце, бидејќи децата често се заигруваат и забораваат што треба да направат.
– Задолжително пофалете го детето по извршувањето нужда во нокширчето.
– Идеално време за одвикнување од пелените се пролет и лето бидејќи тогаш можете да го оставите детето да оди по гаќички.
– Не казнувајте го детето никогаш ако не сака да користи нокширче.
Автор: Јелена Перзановиќ
912