Воспитување

Како се формира лажно јас кај децата

Како се формира лажното јас, зошто го мешаме со нашиот идентитет и како можеме повторно да се поврземе со деловите од нас што сме ги оставиле зад себе е едно од најважните прашања во личниот развој на човекот.

Сѐ започнува од потребата за заштита како одговор на средина каде што да се биде целосно свој и автентичен е ризично или непожелно и носи непосакувани последици. Тоа е дете што ќе ви каже:  „Се трудам да бидам добро дете за да не ме караат“, што всушност подразбира внатрешна порака „Јас сум сакано само кога сум добро дете“, а тоа носи вознемиреност и стрес.

Понекогаш ќе се јават мисли како: „Јас претерувам“, „Треба да се смирам веднаш…“ На почетокот ова ќе помага затоа што ќе останете поврзани избегнувајќи ги конфликтите. Но полека маската престанува да биде нешто што го носите на себе и преминува во некој што мислите дека сте, доволно уверени за она што сте.

На пример, тоа најлесно ќе го забележите кај дете кое чувства дека лутината е небезбедна бидејќи научило дека таа го води кон отфрлање, понижување, исмевање, казна или тишина. Тоа дете учи да ја исклучи и потисне оваа емоција за да остане поврзано.

Потоа, кога ќе стане возрасен, не само што ќе ја потиснува својата лутина, туку и нема да може да почувствува кога навистина се лути. Емоцијата е сѐ уште присутна бидејќи е биолошки импулс, но способноста да се забележи и именува никогаш немала простор да се развие. Според Габор Мате, тоа би значело: „Телото се сеќава, но умот го изгубил сигналот.“

Така настанува и лажното јас, личност изградена врз адаптација, а не врз автентичност и природност. Ќе го забележите во случаи кога кажувате да, но мислите не. Се насмевнувате во моменти кога сте повредени, ги минимизирате вашите потреби само за да го задржите мирот, угодувате итн.  

 Лажното јас е заштитен идентитет, тоа е механизам на преживување, но не и вистинско јас.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца

Поврзани написи

To top