Кога вашата врска ќе заврши откако ќе добиете деца, почнувате да се грижите за многу работи. Баланс помеѓу работата и животот, вината што не можете многу време да поминете дома и измореност од обидот да го сносите целиот товар на ваш грб – емотивен, когнитивен и психолошки. А ако одгледувате синови, сигурно дополнително се грижите: Како да ги воспитувате за да ги поседуваат позитивните квалитети од мажественоста?
На момчињата им се потребни позитивни машки примери кои може да им ја покажат позитивната мажественост. Но, што ако вашиот поранешен партнер/сопруг нема план финансиски, социјално, емоционално или ментално да ги воспитува вашите деца за тие да бидат луѓето кои сакате да бидат. Прво треба да запомните дека тоа можете да го сторите вие. Многу успешни мажи биле одгледувани од самохрани мајки. Но, како изгледа позитивната мажественост?
Во текст напишан од Роналд Ф. Левант, за списанието „Психологија денес“, тој тврди дека има погрешна перцепција за тоа што значи да се биде маж во општеството. Всушност, малку луѓе сфаќаат дека биолошкиот пол е различен од родовиот перформанс. Со други зборови, дали сте мажествен само затоа што сте маж? Дали тоа може да ве научи само маж? Во нашето општество сè уште има неколку верувања кои ја дефинираат мажественоста во 4 есенцијални норми: Мажите не треба да се однесуваат феминизирано;
Мажите треба да се стремат да бидат почитувани за успешните достигнувања;
Мажите никогаш не треба да покажат слабост;
Мажите треба да копнеат по авантура и ризик, па ако е неопходно, да прифатат и насилство.
Ако продолжиме да ги дефинираме момчињата со овие 4 квалитети, тогаш имаме негативни резултати. Ако го учите синот да се фокусира на неговите мажествени особини наместо на особините кои најчесто се сметаат за женски, не го учите да биде поемпатичен, грижлив и полн со разбирање за искуствата на другите. Ако го учите да се фокусира само на своите достигнувања, тој нема соодветно да реагира на неуспех, па ќе страда во тишина. Ако го учите синот да не покажува слабост, тоа може да доведе до последици, вклучително и проблеми со менталното здравје.
Со потиснувањето на емоциите поголема е веројатноста за анксиозност и депресија, а мажите, според статистиките, се повеќе склони кон самоубиство. Ако очекуваме нашите синови да преземаат ризици и да бидат конформисти со мислењето дека треба да доминираат, тоа може да го зголеми потенцијалот тие да се вклучуваат во генерални акти на насилство.
Позитивната мажественост е кога мажите ја користат својата физичка и емоционална сила за да прикажат здраво однесување. Се работи за покажување ранливост, емоционална интелигенција и морална храброст. Со други зборови, ова се однесувања кои се учат, без разлика дали сте маж или жена. Како самохрана мајка, како да бидете сигурни дека го учите вашиот син на позитивна мажественост?
Ова се 6 начини:

Обезбедете простор за тој да го истражува светот, но уверете се дека знае дека може да дојде кај вас – дозволете му сам да носи одлуки, но со внимание ако е малолетен, па само пристапете ако е апсолутно неопходно.
Бидете цврсти и нежни – Лесно е да се имплементира елемент на цврстина кога се работи за момчињата. Но, поважно е да се прикаже и ранливата страна. Кога вашиот син ќе ја гледа вашата човечност, вие индиректно создавате млад човек кој е сочувствителен и емпатичен.
Поставувајте прашања – Како што детето расте, неговата цел е да си создаде свој живот. Вие, како самохрана мајка, ќе треба да го бодрите да ја надмине секоја пречка. Ако му помогнете да се чувствува поврзан и да развие начин за обработка и комуницирање на неговите чувства, тоа ќе му помогне многу и во идните романтични врски.
Утврдете пријателски однос со неговиот татко, ако е тоа можно – Ова е многу важно. Ќе му помогне да разбере дека врските не успеваат секогаш, но императив треба да биде да се одржува стабилен однос на соработка. Не би сакале да биде лош нивниот однос поради вашето однесување.
Почитта е неопходна – Границите се многу важни, не само за развојот на детето, туку и за вас, како негова мајка. Не треба да ги намалувате очекувањата од него само затоа што е машкото во домот.
Дозволете му да биде независен – Важно е момчињата да ја искусат независноста рано во животот. Ако правите сè за нив, тоа ќе предизвика да бараат партнери кои ќе ги покажуваат истите карактеристики. Ако му дозволите независност, тоа ќе му помогне да биде совесен, да донесува добри одлуки и да се зазема за себе.
Самохрани мајки, вие го можете ова!
Родителството и учењето позитивна мажественост на синовите не е закотвено за родот. Или сте добри во тоа или не сте. Природно и со текот на времето момчињата ќе станат мажи, но со вашето водство, ќе им помогнете да станат подобри луѓе.
Автор: Кит Дент