Некако ми изгледа дека кога ќе добиеш деца, вреди само Марфиевиот закон, односно – Ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне. Имено, не знам точно во што е трикот, но никогаш не знам каде ми е мобилниот телефон, го барам дури и кога зборувам на него. Секогаш се завлекува во глувчешка дупка баш кога некаде треба да одиме и брзаме, а секогаш брзаме. Поради бебето, тонот е секогаш исклучен, па ѕвонењето баш и нема да вроди со плод. Да не зборувам за цуцлите. Тие некако мистериозно исчезнуваат. И ги нема никаде. Заминале.
Кога првпат го прашав сопругот дали некаде ја видел цуцлата на Ели (четири месеца), Искра (5 години) мислеше дека прашувам за неа и протестно замина в соба бидејќи ја нареков измамничка. Го знаете она кога ќе ви кажат дека ако првото дете ви се движи со 100 на час и никогаш не спие, второто ќе биде сосема различно. О да. Баш. Ние сме благословени со две прекрасни девојчиња од кои ниту едното не спие како бебе, односно спие многу малку, толку малку што ја фотографираме секојпат кога спие и тогаш се разбира го добиваме одговорот – па што сакате вие, тоа дете само спие…?
Ѝ реков на нашата лекарка-педијатар дека Ели има грчеви и дека воопшто не спие преку ден, а во текот на ноќта повеќе пати се буди отколку што спие. Ако ја фати малку сон, спие на мене, а јас не се сеќавам кога сум спиела два часа без прекин. Ме праша дали спие надвор во количка на воздух – не, спие ли во автомобил – не, вреска од петни жили. Испративме примероци од измет на анализа и, се разбира, сè е во ред. За среќа, знаеме дека ништо нема да ѝ биде бидејќи и Искра не спиеше и знаеме дека ќе тоа ќе помине. Само е прашање кога.
Откако цел еден ден не склопи око и вечерта мојот сопруг и јас не смеевме да погледнеме колку нервите ни беа истенчени, почнав да „гуглам“ за да видам колку спијат двемесечни бебиња . „Пишува дека спијат по 17 часа на ден“, му кажувам на сопругот. „Аха, 17 часа на ден не спијат“, ми одговара тој. Со мојата приказна се запознаени моите блиски. Пред некој ден дојдоа моите пријателки, а Ели претходно заспа. И, верувале или не, речиси ја преспа нивната посета, така што моите приказни за неспиењето повторно паднаа во вода. „И ти уште се жалиш, па детето ти е предобро“, ми велат.
Но, се случуваат понекогаш тие моменти кога навистина спие. Во тие 10 минути добро ќе се истегнам, одам во тоалетот на мир, ќе си сварам кафе без да произведам некаков звук (да јадам не се осмелувам, во тој случај би морала нешто да треснам, а тоа никако не го сакам), а потоа во следните пет минути го средувам целиот стан. И еве ја. Се чувствувам многу подобро.
Кога немаш деца, мислиш дека за ништо немаш време и постојано некаде леташ, кога ќе го добиеш првото дете, се прашуваш како си немал време претходно, а кога ќе дојде второто – лелееее! Доаѓањето на бебето менува сè, а доаѓањето на второто и повеќе од тоа. Кога бевме на море, апартманот баш и немаше врата и целиот простор беше едно, така што сè се слушаше, а Ели беше или во фаза на успивање или во ретки моменти спиеше. Трета фаза немаше. Следствено на тоа, се трудевме со ништо да не трескаме за барем малку да одмориме и така нашиот апартман за краток рок се претвори во хаос.
И таа, еден ден само што заспа, а сопругот почна да ги вади отпадоците, да треска со садовите, а јас летам од собата и му велам: „Добро, што правиш?“ „Ние ќе станеме како оние Јапонци што никогаш не излегуваат од соба и живеат во хаос!“, ми одговара тој. Заминувам лута и потоа ги сфаќам неговите зборови и почнувам да се смеам. Какви Јапонци што не излегуваат надвор од соба? Почнувам да „гуглам“ и навистина, милиони Јапонци, внимавајте – милиони, никогаш не излегуваат од соба бидејќи играат игри на компјутер и живеат во соба, а јадење им носат пред врата. Имаат дури и име, се нарекуваат хикикомори. Ете, ако не сте знаеле, нешто ново може да се научи кога имаш мали деца.
Туку, некогаш одамна Ели заспа, а Искра беше кај баба ѝ. Беше вечер, сопругот и јас седевме на тераса, пиевме пиво и дишевме свеж воздух, но обајцата се чувствуваме како нешто да не е во ред или дека има нешто чудно во воздухот. Мир, тишина, само ние двајца. Какво чудно чувство! „Дали сме тоа навистина ние или сме во некој друг универзум“ – го прашувам додека одам да проверам дали дише бебето.
Во тој момент изгледам како мртовец, очите одат надолу сами од себе, но не одам да спијам, сега кога конечно имаме малку време за себе. Кога ќе легнам, Ели се разбудува. Исто е со таа цуцла. Ја нема никаде, но редовно се појавува од никаде или ќе седнеме на неа кога малата ќе заспие. Сè на сè, забавно е и ако на сето тоа не пристапите на тој начин, ќе полудите.
Она што никој нема да ви го каже во текот на првата година со бебе
Она што никој нема да ви го каже или малку ќе го разубави е дека за време и по породувањето, а особено по царскиот рез, сè ве боли и едвај можете да станете, а тука е едно мало човече кое е беспомошно без вас, кое очајнички треба да го носите, галите, храните и сакате. Без пауза. Ако ви е тоа второ дете, тука е уште едно малку поголемо човече на кое сега му е потребно вашето внимание, повеќе од кога и да е. И вие сето тоа ќе им го дадете.
Никој нема да ви каже дека често вие ќе се чувствувате беспомошни. Во првите два месеца се фатив како плачам поради спојувањето на хормоните и уморот и мислев дека нема да можам да преживеам уште една ноќ. И ден. И час. Но, сепак, преживеав, се разбира, со литар кафе. Никој не ви кажува дека ќе ви треба помош. Знам дека мајките се премногу горди за да ја бараат, но тука нема место за гордоста. Едноставно не стигнувате да направите многу работи, односно речиси ништо. И тоа ве убива. Помирете се со тоа дека не можете сè, дека домот нема да ви изгледа како претходно, дека и вие нема да изгледате како претходно и дека во блиска иднина нема ни една секунда да бидете сами и да имате време за себе. Буквално. Ни пет минути. А кога некако ќе ги добиете тие пет минути, искористете ги максимално – спијте.
Никој нема да ви каже дека бебето од 24 часа на ден може да цица 25. И колку и да е тоа убаво, доењето е навистина исцрпувачко, ви ја зема енергијата и не ви дава простор за дишење. Но, согледајте го тоа од позитивната страна – ги топи килограмите и бебето ја добива најздравата можна храна, а веќе од три месеци самото бебе ќе воведе некој ред и ќе јаде на секои два-три часа и нема повеќе да „живее на вашите гради“. И слободно некогаш дајте му шише и малку одморете се, и не, нема поради тоа да се откаже од цицање и нема да остане без млеко и нема да се случат сите оние страшни работи за кои слушате.
Никој нема да ви каже дека ќе имате чувство дека никогаш повеќе нема да го добиете назад своето тело, кое освен што ве боли, уште месеци по породувањето нема да изгледа исто и нема да можете да облечете многу работи. Но, не грижете се, сето тоа од вас ќе го извлечат децата, особено, ако како нас, добиете две дечиња што не спијат. Изреката „спие како бебе“ е всушност мит. Не спијат сите бебиња, некои речиси и воопшто не спијат, а поголемиот дел не спијат мирно и спокојно. Ние сме во фаза кога час спиење значи живот, а јас спијам во најчудни пози.
Никој не ви кажува дека сопругот, односно таткото, ќе биде спасот, некој на кој ќе можете да се потпрете, некој покрај кој ќе знаете дека сè ќе издржите. И затоа максимално вклучете го во одгледувањето на тие мали битија и слободно понекогаш оставете му го детето. Ништо нема да му се случи. Кај нас ситуацијата е таква што Искра се зближи со татко ѝ штом останав бремена со второто дете, како да чувствуваше дека тие работи така треба да се случуваат. Таа е вистинска татина принцеза, а бебето ѝ се насмевнува веднаш штом ќе се појави на врата.
Исто така, сите ќе знаат сè за децата и за тоа како треба да изгледате вие, вашиот стан и вашите деца. Но, тоа не е ваш проблем. Нивното мислење нема да го заспие и избања вашето бебе, ниту ќе ви го среди станот.
Никој нема да ви каже дека децата треба што повеќе да ги галите, носите, сакате и тешите. Нема да ги разгалите, а времето ќе пролета и веќе никогаш нема да бидат толку мали. Впрочем, ги носите само една година, па искористете го тоа време кога ќе им бидете потребни и бидете тука за нив. Не сакам да пропуштам ниту една насмевка, плач, гугање, бањање. Уживам во тие слатки мали моменти.
Никој нема да ви каже дека со доаѓањето на бебето ќе добиете некоја нова движечка енергија. Неверојатно е колку добро ќе функционирате дури и кога речиси воопшто нема да спиете. Некоја сила едноставно ќе ве покренува, а таа се нарекува силна љубов која сите ја чувствуваме за тие мали суштества и заради нив сè е вредно и сè е можно. И колку и да е тешко, ќе помине и ќе биде полесно, а во тие мали моменти кога ќе ви подарат насмевка и кога ќе почувствувате благодарност што се тука, ќе ги надоместите сите непроспиени ноќи и денови. И она најважното, во целата таа збрка, хаос, неред и работи што исчезнуваат, гледаме всушност колку сме среќни.
Таа мала убавица донела уште толку многу љубов за која не сме биле ни свесни дека е можно да постои во толкаво количество. Толку се чувствуваме целосно, толку ни е убаво откако сме ние четворица. Како отсекогаш да сме биле четиричлено семејство. Толку ни недостигаше, што тоа не е нормално. Сега веќе има три месеци и оди малку на подобро, а помеѓу грчевите постојано се смее и ни зборува. Ќе има многу што да ни каже кога ќе почне навистина да зборува. Искра, пак, е посамостојна, ја обожава сестра си, ѝ зборува, ја теши, ја гали и прекрасна е помислата дека тие две секогаш ќе се имаат една со друга, а ние нив, нашите преубави девојчиња.
Автор: Кристина Кос