Кога ќе се породите и ќе станете мајка, сите ве напаѓаат со идејата дека треба да одвојувате време за себе. Како треба да се грижите за себе и како тоа мора да ви биде приоритет. Но, често на тоа не обрнувате доволно внимание и не реагирате како што би требало. Згора на тоа, честопати самиот разговор за тоа кај жената создава чувство на срам, како и сомнеж во себе. Иако целта би била да го подобриме нашето здравје, тоа често не се случува токму поради осаменоста и непријатноста. Сепак, навистина е важно да се грижите за себе, но таа грижа би требало да биде приспособена на секоја жена, па затоа мора самите да одлучиме што ни помага да се чувствуваме подобро.
Со текот на времето оваа потрага по доброто надворешно чувство ја нарушува нашата доверба во себе или нашата способност да знаеме што ни е потребно за да се чувствуваме подобро. Ова е нешто со кое се борат повеќето жени, но мајките се особено истакната категорија.
Поврзувањето со себе е всушност камен-темелник на емоционалната благосостојба и нешто што често го прескокнуваме, затоа што создава слики од релаксирачки викенди или часови поминати во медитација, кои изгледаат нереални за повеќето мајки. Ако имате време и средства да го направите тоа, дефинитивно сторете го! Но, ако немате, не сте сами.
На вработените мајки им треба помош да ја вклопат оваа нега во нивниот дневен распоред. Иако поврзувањето со себе е интуитивен процес, еве неколку насоки што на секоја зафатена мајка можат да ѝ бидат од помош.
Воспоставете контакт со себе во огледало
Не, не мислиме на оние моменти кога се мачите со вашата коса или шминка или проверувате како напредуваат новите брчки. Всушност, погледнете си себеси в очи. Поставете си го ова едноставно прашање: „Како си?“ Обидете се да го одржувате тој контакт со очите околу 15 секунди подолго отколку што ви одговара. Совет: комбинирајте го овој ритуал со миење заби кога веќе сте пред огледалото.
Вдишете длабоко и забележете што му треба на вашето тело
Поврзете ја оваа навика со нешто што редовно го правите. Тоа може да биде редовен момент, на пример – секогаш кога ќе ги миете рацете. Така, поврзувањето на таа навика со нешто што веќе го правите ќе ви биде добар потсетник. Тоа едно воздивнување е доволно за да паузирате и да проверите што е она што може да ви помогне да забележите дека сте жедни веќе некое време, дека сте ги стегнале забите или дека сте имале намера да земете џемпер затоа што цело утро ви било студено. Одвојувањето една минута за да задоволите таква едноставна потреба е точка на поврзување со себе.
Направете една работа што ги радува вашите сетила
Задоволството е огромен поврзувач со себеси и обично е првото нешто од кое мајките се откажуваат. Ова лесно може да предизвика реакција од типот: „кој има време за тоа?!“
Па, нека биде што е можно поедноставно: обидете се да задоволите едно по едно сетило. Запалете свеќа. Користете сапун за раце или мирис на лосион во кој навистина уживате. Пуштете песна во која уживате наместо по 65. пат да ја слушате песната на Елса. Ако пред вас е топло кафе (единственото што е жешко откако ќе го загреете по петти пат), затворете ги очите, напијте се голтка кафе и почувствувајте го вкусот додека ви го допира јазикот. Ставете ги вашите омилени обетки или кармин, дури и ако не одговараат на вашата неуредна пунџа и спортски панталони.
Кога ќе најдете начин да задоволите едно од вашите сетила само за момент, тоа ќе биде вашата точка на поврзување со себеси. Дали длабокото дишење ќе го направи мајчинството помалку хаотично и поразително? Не. Се разбира дека не. Но, ако успеете да го вклучите сето ова во вашиот секојдневен живот, би можело да ви помогне да се најдете себеси во целиот тој хаос. И тоа е важен чекор во мајчинството.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912