Игротека

Како повторно да се поврзете како партнери по раѓањето на бебето?

Бебињата можат да внесат вистински хаос во врската. Нема секс, нема пари, нема сон! Но кога ќе станете родители, не мора секогаш да биде така…

Некогаш со партнерот ја минувавте вечерта со шише шампањ или се спремавте во последен момент за романтичен викенд. Сега единственото заедничко време е кога намуртено ќе констатирате дека нема повеќе пелени или ќе седнете заедно на каучот половина час пред да заспиете. Откритието дека бебето ја исцрпува вашата врска може да биде шок. Но родителството не значи дека вашиот однос засекогаш ќе се сведе на: „Те молам, подај ми ги влажните марамчиња!“

Важно е навреме да го препознаете проблемот и да се позанимавате со него пред да западнете подлабоко во улогата „само мајка“ или „само татко“.

Сè се менува кога ќе станете родители

Нормално е целиот ваш свет да се промени со доаѓањето на бебето. Морате да се приспособите на новата личност и тоа секако е напорно и стресно. Потребно е време за да се навикнете на своите нови улоги. На некои им е полесно, на други потешко, зависно од претходниот начин на живот.

Ако до бременоста често сте излегувале, сте се забавувале до доцна и сте спиеле долго наутро, разбирливо е дека ќе ви биде тешко да се приспособите на сосема нов ритам. За да успеете во тоа, треба да се ставите себеси на прво место, а да не го подредите своето време и енергија на нешто небитно (и тука не зборуваме за детето), како што се добронамерните, но ненајавени гости.

За да ја одржите рамнотежата, потребно е да воспоставите приоритети. Прво е вашето бебе, а втор е односот меѓу вас и вашиот партнер, а не односот со пријателите.

Морам да спијам

Не ни можевте да замислите колку ќе бидете исцрпени, со подуени очи и облечени во маица наопаку по уште една непроспиена ноќ. Кој може да биде романтичен кога единствено што посакувате е да се стуткате в кревет?

Кога сте навистина уморни, не можете логично да решавате проблеми, па тие лесно излегуваат од контрола. Ако станувате нервозни и груби со партнерот поради недостиг на сон, научете ја „вештината на кратко дремнување“. Почекајте бебето да заспие или менувајте се. Наместете аларм на 20 минути. Дури и да не заспиете, ќе ги наполните батериите. Тоа е навистина најдобар начин и двајцата да се одморите и да функционирате нормално.

Бидете пар

Дури и ако сте одморени, тешко е да се најде квалитетно време заедно. Но, важно е да знаете дека времето за вас двајца е од клучно значење.

Планирајте кога ќе бидете сами и забележете го тој термин во календар исто како што правите за преглед кај доктор. Најдете некој да го чува детето. Не планирајте што ќе правите, едноставно бидете заедно. Важно е да бидете партнери, а не само родители.

Не вечерва

А кога сме веќе кај времето заедно, сосема е вообичаено сексуалниот живот да се намали или речиси да исчезне во периодот на адаптација. Веројатно нема да се гушкате толку често како порано.

Недостигот на интимност може да стане проблем за многу нови родители. За мајките, приоритет е сонот, а не сексот. А бидејќи мажите често го намалуваат стресот преку сексуална близина, тука настанува конфликт. Потребен е искрен разговор за тоа што навистина чувствувате и сакате.

Истото важи и за сите други замерки што се појавуваат додека се навикнувате на новите улоги. Вообичаено е секој да има чувство дека носи поголем товар, а тоа може да се претвори во натпреварување што не носи ништо добро.

Добрата вест е дека справувањето со новите предизвици што ги носи тоа мало суштество може всушност да ве зближи. Решавањето на проблемите само ќе го зајакне она што сте го имале претходно, бидејќи повеќе не сте само љубовници и не сте само родители – сега сте семејство.

Извор

Поврзани написи

To top