Директорите на градинките велат дека очекувале на првиот ден да нема навалица од деца, со оглед на тоа дека сè уште има родители кои можеби имаат задршка да ги пуштат децата во воспитна установа

По малку збунети дечиња, но послушни и желни да ги гушнат своите воспитувачки, почитување на протоколите од страна на децата и на родителите, а и на кадарот на градинките – вака вчера помина првиот ден во градинките во земјава. По половина година пауза децата на вработени, самохрани родители вчера ги посетија своите градинки, се видоа и се дружеа со своите врсници. Освен во Свети Николе, каде што 110 деца не беа примени поради сомнеж за коронавирус кај една воспитувачка, од Министерството за труд и социјална политика известија дека сите други 310 објекти во земјата од 70 градинки ги примиле децата.

Еден од главните проблеми на дел од родителите деновиве беше периодот за прием што самата градинка го пропишува, во согласност со протоколите, дека за секоја група во градинката треба да има ограничени 20-25 минути за прием на децата.

Фото: Министерство за труд и социјална политика

– По 6 месеци неодење во градинка бев непријатно изненаден кога претставници на градинката нѐ известија дека според протоколот на Министерството за труд и социјална политика, приемното време за групата на моето дете ќе биде од 8:00 до 8:15. Вчудовиден сум од тоа како да постигнам да го однесам моето дете во градинка во тој период кога јас сум на работа од 7:00, а сопругата од 8:00. Одговорот беше дека протоколите се такви и засега нема отстапки. Денес не го однесов моето дете во градинка, немав како. Доколку ова не се промени, имам три опции: да најдам лице да ми ги чува двете деца, да платам во приватна градинка и трето, јас или сопругата да дадеме отказ – вели Миралем Јукиќ, родител.

Во некои градинки воспитувачките и директорите се флексибилни и им дозволуваат на родителите да има отстапки, таму каде што навистина има потреба, а, сепак, да не се прави метеж при приемот на децата.
Директорите на градинките велат дека очекувале на првиот ден да нема навалица од деца, со оглед на тоа дека сè уште има родители кои можеби имаат задршка да ги пуштат децата во воспитна установа.

Директорката на градинката „Орце Николов“ од Општина Карпош, Надица Гировска, вели дека првиот ден им поминал без никакви проблеми.

– Одлично помина првиот ден. Очекувавме да нема метеж затоа што сè уште има родители кои можеби се плашат. Сакаме да ги убедиме дека работиме најпрофесионално, со следење на сите протоколи. Децата си влегуваа во одредени термини, се мереше температура, ги учевме како да се поздравуваат, па им беше интересно. Дури не беа ни збунети. Иако протоколот предвидува по 20-ина минути за прием на децата од една група, им излеговме во пресрет на родителите што немаа можност во тој термин, нормално со дезинфекција помеѓу две деца. Ниту за време на оброците немаше проблеми, по две деца седат на маса и местото им е соодветно одбележано. Кај нас вчера беа донесени 70-ина деца од околу 280 пријавени за посета на градинката од септември – вели Гировска.

Државната градинка „Јасна Ристевска“ од Охрид во нормални услови може да прими 1.000 деца во вкупно девет клона – пет во градот и четири во рурални средини. Од 600 деца за кои родителите пријавија дека мора да присуствуваат во градинка, на првиот ден се појавиле околу 200.

– И во нормални услови во септември имаме по толку деца, вообичаено повеќе доаѓаат од октомври. Имаше ситни недоразбирање околу часот на прием на децата и сметам дека тоа мора да се почитува зашто ќе се направи неред. Им излеговме во пресрет, но посочивме во наредниот период да се почитува овој протокол – вели Мери Рилкова, директорка на охридската градинка.

Интерес за посета на градинка има и во Струмица. Таму по протокол може да се примат 530 деца во осум клона.
– Имавме мал застој со доставувањето на потврдите од матичните лекари, затоа што сфативме дека таму се создаде метеж деновиве, но родителите ќе ни ги донесат. Кај нас поинаку го решивме приемот на децата бидејќи бев свесен дека ќе има негодувања од родителите за часот на прием. Поставивме дежурни воспитувачи што ги пречекуваат децата, им мерат температура и ги препраќаат по групите. Малку е нефер кон дечињата да ги тераме да ни ги носат прерано, а некои можеби уште спијат во 7 часот. Немавме никаков застој, се почитуваше растојание, се правеше дезинфекција. Јас сум многу пријатно изненаден што и родителите и децата беа многу дисциплинирани – вели Васил Бубев, директор на градинката „Детска радост“ во Струмица.



912

X