Наставнички велат дека деведесет отсто од основците пишуваат неправилно и бавно
Ова се училишни задачи напишани од четвртоодделенци во скопското Основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, во 1995 година. Она што денеска го има во тетратките на учениците е далеку од краснопис, со чест на исклучоци. Во современата настава не се обрнува доволно внимание на ракописот и на елементарната писменост кај децата. Сите брзаат да препишат, а брзајќи, неубаво пишуваат и неправилно научуваат.
Лилјана Атанасова, наставник во Основното училиште „Живко Брајковски“ во Бутел, укажува на низа пропусти што ги прават децата во пишувањето. Прво и основно, не знаат да одговорат на прашање со целосна реченица.
Треба повеќе внимание
– До минатата година бев директор, а сега сум повторно одделенски наставник. Сега затекнав ученици во трето одделение. Деведесет отсто од нив пишуваат неправилно. Така, неправилно ги поврзуваат ракописните букви, нема ченгелче меѓу нив (на пример, нема ченгелче меѓу „С“ и „Л“). Потоа, бавни се. Ракописната буква „А“ наместо да си ја напишат со полукруг надолу, тие ја пишуваат различно и потешко. Во принцип, ние повозрасните наставници што сме учеле правила, знаеме како е исправно, но помладите наставници на ова не обрнуваат внимание – вели наставничката.
Сите овие нешта, според неа, зависат од амбициозноста на наставникот и на родителите.
– Неодамна им дадов домашната работа да ја напишат на компјутер. Само еден ученик ја напиша и ја донесе. Сфатив дека 70 отсто од нив немаат инсталирано „Ворд“ на компјутерите дома и дека нив ги користат исклучиво за интернет. Ова не смее да е така – потенцира наставничката.
Нејзината колешка по македонски јазик, која е веќе во пензија и е автор на неколку учебници по македонски јазик, Љубица Севдинска, вели дека современата технологија си го зема данокот.
– Наставниот предмет краснопис треба задолжително да се врати во наставата. Децата не научуваат да пишуваат разбирливо поради постојаното користење на компјутерски уреди, но и поради обемниот материјал по многу предмети. Наставникот треба да го запише резимиран на табла, учениците да го препишат за што покусо време. Брзајќи да ја завршат задачата, препишуваат погрешно и неразбирливо – го расипуваат ракописот и погрешно научуваат – вели Севдинска.
Пишувањето мора да се вежба
Наставните програми по мајчин јазик не треба да се вакви какви што се, нагласува проф. д-р Благица Петковска, методичар и професор по македонски јазик на Педагошкиот факултет.
– Бирото за развој на образованието одлучи да нема домашна работа во целодневна настава, а се знае дека доброто описменување се постигнува само со постојани вежби на раката, правилното држење молив, повлекување, правилното повлекување линии за букви. Тоа го развива и мозокот. Сега на децата им се даваат компјутери, таблети, па не знаат да го држат рачето како што треба. Во учебниците нема калиграфи, компјутерски се пишувани. Се знае дека буквите треба да се исправени, убаво да се напишани. Прво се кршеше графијата, па букварот се повлече, а само да го осовременеа, ќе беше одлично. Детето во прво одделение само распознава букви, во второ се описменува, а во трето учи латински букви. Сето тоа е процес кој се работи многу внимателно и со голема посветеност – потенцира Петковска.
912