Во популарната психологија често се споменува поимот „проблеми со таткото“, а се однесува на тешкотии што произлегуваат од нарушен однос со татковската фигура. Иако многумина во одреден период од животот чувствуваат напнатост во тој однос, кај некои таа станува пречка во поврзувањето со другите и со самите себе.
Понекогаш овие обрасци несвесно се користат како изговор за избегнување одговорност и соочување со раните. Дополнителен проблем е што луѓето често не се свесни за нив. Сепак, постојат знаци што укажуваат дека многумина имаат последици токму од овој однос.
Ги привлекуваат емоционално недостапни партнери
Несвесно избираат лица што не се подготвени за блискост. Сакаат сериозна врска, но завршуваат во недефинирани односи што ретко траат. Ги привлекуваат партнери кои се плашат од ранливост и љубов.
Сложен однос со таткото
Таткото можеби бил отсутен, починат, насилен или претерано критичен, поради што детето се чувствувало недоволно добро. Таквите искуства силно ги обликуваат подоцнежните партнерски односи. Последиците не исчезнуваат сами, туку бараат свесна работа на себе.

Страв од врзување
Кога односот станува сериозен, се повлекуваат. Избегнуваат подлабока блискост, прекинуваат контакт без објаснување и тешко зборуваат за чувствата. Поподготвени се да ја прекинат врската отколку да ризикуваат отфрлање.
Проблеми со довербата
Недоследноста и прекршените ветувања оставаат длабока трага. Лицето постојано ги преиспитува мотивите на партнерот и бара знаци на недоверливост наместо да гради блискост. Притоа и самото станува затворено и воздржано.
Претерано вложување во врската
Чувството на помала вредност ги поттикнува на претерано докажување. Даваат повеќе отколку што добиваат, прифаќаат компромиси и преземаат одговорност за односот. Освен тоа, често вложуваат преголем труд за врската да опстане по секоја цена.
Саботажа на здравите односи
Иако копнеат по љубов, се плашат од губење контрола и можно разочарување. Во стабилна врска се фокусираат на недостатоци, провоцираат конфликти или заминуваат пред да бидат оставени. Понекогаш несвесно прават нешто што ќе го наруши односот, потврдувајќи го сопствениот страв од блискост.