Михаил Лабковски, познат семеен психолог, зборува за простите, а толку важни нешта кои со леснотија ги испуштаме од вид додека истовремено настојуваме „од детето да направиме човек“. Еве некои од нив:
1. Несреќните луѓе не можат на ниеден начин да изградат однос со детето така што тоа да биде среќно. Ако родителите се среќни, тогаш и не треба да прават ништо специјално.
2. Многу родители сметаат дека сè е во ред со нив, а дека проблемот е во нивните деца. Па се чудат како во едно семејство растат две целосно различни деца: едното самоуверено, успешно, борбено, а другото – искомплексирано, незадоволно и агресивно. Тоа значи дека децата на различен начин се доживуваат себеси во тоа семејство и дека на некое од нив му недостигало внимание. На едното му требало повеќе љубов, а родителите не го забележале тоа.
3. Грижата дали детето е облечено и нахрането – тоа е грижа, а не воспитување. За жал, многу родители сметаат дека грижата е сосема доволна.
4. Во зависност од тоа како вие се однесувате кон детето во неговото детство, така тоа ќе се однесува кон вас во вашата старост.
5. Училиштето не треба толку да подучува математика и книжевност колку што треба да подучува за животот. Не е толку важно од училиштето да се понесе теоретското знаење колку што се важни практичните искуства: умешноста за комуницирање, воспоставување односи, одговорност за себе, своите зборови и дела, умешноста за решавање проблеми, договарање, управување со сопственото време…
6. Претераната грижа на детето за лошите оценки е огледало за тоа како реагираат возрасните. Ако родителите мирно реагираат на слаба оценка или неуспех, тогаш и детето е мирно и стабилно, и сигурно следниот пат ќе се потруди повеќе за да ги исправи работите.
7. Ако во основното училиште вашето дете не излегува накрај со наставната програма, ако морате многу време да посветувате учејќи со него дома – проблемот не е во детето, туку во образованието. Ако нешто е сложено – не значи дека е добро! Детето не смее да се преморува обидувајќи се да ја совлада наставната програма што ја создале педагозите. Домашната задача во прво одделение треба да му одзема од 15 до 45 минути од денот.
8. Казнувањето на детето не е забрането, а понекогаш е и тоа како неопходно. Обратете му се на детето без нималку агресија. Насмевнете се, прегрнете го и кажете му: „Многу те сакам, но недела дена нема користење таблет“. Нема потреба да викате, да го навредувате и да не разговарате со него. Детето е веќе казнето со одземањето на таблетот.
9. Веќе околу шестата година детето треба да има џепарлак. Се разбира, таа сума не треба да биде голема, но редовна и детето само да располага со неа. Исто така, многу е важно парите да не станат средство за манипулација.
10. Не треба да го живеете животот на децата наместо нив. Тоа значи дека не треба да одлучувате што да прават, а што не, да им ги решавате проблемите, да ги задушувате со своите амбиции, очекувања, инструкции.
11. Јас сум против постојана контрола. Ако детето е сакано, почитувано и згрижено од своето семејство, нема да заскита во лошо друштво и ќе избегне многу искушенија од кои неговите врсници не можат да се ослободат.
12. Објаснете им на децата дека образованието е гаранција дека еден ден ќе можат да го работат тоа што го сакаат и притоа да заработуваат од тој труд.
13. Безредието во собата на тинејџерот е одговор на состојбата на неговиот внатрешен свет. Барањето „да се воведе ред“ е валидно само доколку предметите на детето почнат да „излегуваат“ од неговата соба.
14. Воспитувањето не значи да се објаснува како треба да се живее. Тоа нема ефект. Со други зборови, ако таткото зборува дека алкохолот е штетен, а притоа не престанува да пие – големи се шансите и синот да стане алкохоличар.
15. Со детето треба да разговарате воопшто за животот, а не за тоа како треба животот да се живее. Ако родителот со своето дете може да разговара само за проблемите – тогаш тој има проблем.
16. Ако детето се обидува да манипулира со возрасните – тоа значи дека има невроза. Здравите луѓе не манипулираат – тие отворено ги решаваат своите проблеми.
17. Во разговорот со детето, не критикувајте го, не допирајте ја неговата личност, не излегувајте надвор од аналитичкиот круг на неговите постапки. Не зборувајте за него, туку за себе. Не „ти си лош“, туку „јас мислам дека лошо постапи“. Користете ги формулациите: „Не ми се допаѓа кога ти…“, „Би ми се допаднало кога би…“
18. Детето треба да чувствува дека родителите се добри и непоколебливи луѓе, кои можат да го заштитат, кои може нешто да не му дозволат, но кои секогаш постапуваат во негов интерес и што е најважно – многу го сакаат!
912