Подгответе го вашето дете за промени. Сте го организирале патувањето и во одреден ден го напуштате градот и ја напуштате познатата рутина, но вашето дете можеби не е запознаено со тоа, па денот на патувањето може да биде ненадејна и неочекувана промена за него, односно може да му биде тешко да прифати.
Затоа би било добро да му покажете на детето слика од местото каде што ќе одите, да му ги објасните патот и движењето, да му покажете на мапата каде ќе поминете и што ќе види. Можете да му спомнете и дека возењето ќе биде подолго од вообичаено. Имено, можно е детето, особено помалото, да е навикнато на пократки градски возења, а возењето од 2 или 3 часа може да му биде доста стресно и досадно. Можете, исто така, да опишете што ќе правите додека возите. Да речеме дека ќе раскажувате приказни, ќе пеете или ќе читате сликовници. Кога ќе му објасниме на детето што го чека и што се очекува од него, тогаш ги намалуваме стравот и несигурноста што може да ги почувствува поради неочекувана промена во рутината.
Најдобар начин да го забавувате вашето малечко во автомобилот е да ја понесете неговата омилена сликовница или кадифена играчка. Можете да го поттикнете постарото дете да си игра со зборови, да пее или да набљудува што има околу него додека се возите. Ова, исто така, ви дава можност да се поврзете со вашето дете и да ја зајакнете врската со него.
Не смееме да заборавиме ниту на удобноста на автомобилот. Може да биде доста жешко и тесно во автомобилот, па би било добро да го проветрите 10 или 15 минути пред патувањето. За автомобилските седишта за деца е важно да бидат што е можно поудобни. Имено, за време на топлите денови седиштата може прилично да се загреат, што може да предизвика незадоволство кај детето. Затоа би било добро да го покриете седиштето со газа или тетра пелена пред детето да седне во него. Ќе биде многу поудобно и детето помалку ќе се поти.

Би било добро да планирате неколку застанувања при патувањето. Возењето неколку часа може да предизвика детето да се чувствува анксиозно и тоа може да доведе до бурни реакции. Добро би било, доколку се работи за долго патување, да застанувате на секои два часа за да може детето да се истегне, да трча и да дише чист воздух. Доколку имате можност, уживајте во прошетка во блиската природа. Престојот во природа опушта и смирува. Свежиот воздух го поттикнува производството на серотонин (хормонот на среќата) и ќе се чувствувате подобро, а ќе бидете и позадоволни додека возите. Ова ќе го расположи и детето и ќе ја разбие монотонијата на седењето во тесен автомобил.
На патувањето задолжително понесете храна, здрави грицки и многу вода. Чувајте ја водата во термос за да не се загрее. Ако носите овошје, ставете го во пренослив фрижидер за да биде свежо и вкусно. Ако имате можност, направете пауза за ручек во ресторан покрај патот. Тоа ќе биде искуство и забавен одмор за детето.
И конечно, приспособете го патувањето на рутината на вашето дете. За некои, тоа може да биде ноќно возење бидејќи детето ќе спие поголемиот дел од времето. За некои тоа ќе биде наутро по будењето, бидејќи тогаш детето е расположено.
Автор: м-р Ива Брчиќ