Алергиите на храна може да му се случат на секого и зависат од повеќе фактори, но проблемот со преминувањето на бебињата кон цврста храна е тоа што не знаете дали бебето е алергично или не.

Американската организација „Спречи алергии“ наведува дека само 2 до 3 отсто од децата на возраст под три години се алергични на најчестите алергени на храна како кикиритки, јајца и млеко. За родителите, идејата за воведување нова храна на бебињата понекогаш е застрашувачка. Сепак, воведувањето алергена храна рано во животот може значително да го намали ризикот од развој на одредени алергии на храна кај 80 отсто од доенчињата.

– Бебињата треба да се запознаат со храна која класично се смета за алергена околу шестиот месец, но не пред четвртиот месец. Меѓутоа, во текот на изминатите неколку години препораките беа сосема спротивни – објаснува д-р Скот Х. Сишер, професор по педијатриска алергија и имунологија и автор на Комплетниот водич за алергии на храна кај возрасни и деца.

Најдобро е да се воведат алергени рано во животот на детето, меѓу нормалната храна со која обично се хранат доенчињата. Во некои случаи тоа дури може да помогне да се спречат алергии во иднина или да се откријат сериозни реакции што е добро да се забележат што е можно порано. Д-р Сишер верува дека родителите треба да престанат да ја третираат алергената храна поинаку од која било друга храна.

Рано воведете ја храната што ве загрижува

На возраст од четири до шест месеци родителите ќе можат полесно да ја утврдат и соодветно да ја испитаат можната реакција на детето. Затоа експертите велат дека е добро да ја тестирате храната што ве загрижува и која се смета за алергена што е можно поскоро.

Храната која може да предизвика алергиска реакција или нетолеранција е онаа што содржи млеко, јајца, пченица, соја, кикиритки, јаткасти плодови, риба и главно школки, а понекогаш дури и сусам.

Многу истражувања покажаа дека воведувањето алергени во текот на првата година од животот на децата го спречува развојот на алергии на храна во зрелоста. Исто така, ако го одложите процесот премногу долго, има поголеми шанси детето да стане алергично или почувствително на вообичаената храна која е поврзана со алергии.

Погрижете се бебето да е подготвено за цврста храна

Ова е еден од најлесните совети за следење. Не давајте му на вашето дете храна која сè уште не е подготвено да ја консумира.

– Иако можеби сте загрижени за тоа како вашето дете ќе реагира на одредена храна, мора да ја земеме предвид способноста на бебето да јаде цврста храна. Некои бебиња не се подготвени за цврста храна и се консумираат само пасирана храна, додека други не. Откако доенчињата ќе почнат да се одвикнуваат од течностите како единствена форма на исхрана, што во некои случаи може да потрае и до шест месеци, тогаш официјално е време да се започне со воведување алергена храна – вели д-р Сишер.

Проверете дали има знаци на алергија

Во моментот кога ќе внесете алергени во исхраната на вашето дете, треба да бидете свесни како изгледа алергиската реакција. Ова е клучно бидејќи има благи и тешки реакции кога станува збор за алергии на храна.

– Најчести симптом дека бебето би можело да има алергиска реакција на храна е појавата на исип на кожата наречен егзема или атопичен дерматитис – вели д-р Сишер.

Покрај тоа, може да се појави и на лицето, рацете, нозете, градите или на грбот, а може да биде придружена со чувство на чешање. Иако се верува дека бебињата кои доживуваат егзема во првите неколку месеци од животот може да бидат посклони кон алергии, д-р Сишер објаснува дека тоа не е точно кога станува збор за храната и дека овие две состојби не треба да се поврзуваат. Д-р Сишер истакнува дека другите вообичаени и посуптилни симптоми на алергија често се поврзани со проблеми со цревата и варењето, а повеќето од овие симптоми се видливи во краток временски период откако бебето ќе изеде нова храна. Ова може да биде дијареја, појава на крв во столицата, повраќање, исип, оток, осип или дури и забавување на растот на бебето. Во тешки случаи, може да се појават проблеми со дишењето, кашлање или отежнато дишење. Исто така, детето може одеднаш да побледи или да помодри во лицето. Тешките реакции обично ќе се појават околу 10-15 минути откако бебињата ќе јадат храна, но некои благи реакции може да потраат и до неколку часа пред да се појават симптомите. Ако забележите некој од горенаведените симптоми, консултирајте се со вашиот педијатар што да правите.

Бидете креативни во послужувањето

– Алергените се исти како и секоја друга храна и сепак мора да ги давате на начин кој е безбеден за консумирање – вели д-р Сишерер.

Во просек, првата храна е обично житарки (кршени и без парчиња) и пасирана храна. Најчесто се додава само една состојка, па затоа се толку чести комбинациите кои содржат овесна каша, тиквички, грашок или јаболка. Кога станува збор за храната поврзана со алергија, д-р Сишер препорачува да ги сомелете опасните компоненти за гушење пред да ги послужите и да ги омекнете во топла вода за да направите сос или течна паста како сос од јаболка.

Не заборавајте на разновидноста

– Иако можеби е страшно ако не го знаете исходот, сепак не е добра идеја да го одложите воведувањето на алергени кај бебињата, а еден начин да го создадете овој безбеден модел каде што имунолошкиот систем подобро ја прифаќа храната е вашето дете да има разновидна исхрана, која помага и во спречување алергии на храна – објаснува д-р Сишер.

Извор



912

X