Задача на родителите е да ги мотивираат децата, да ги научат како да учат од грешките и да им помогнат да се надградуваат, а не да ги обесхрабруваат
Гледаш ли дека Ана не плаче? Како Сандра може да добие петка а ти не? Погледни Игор колку убаво се однесува! Маја секогаш си ги собира играчките, а ти?…
Колку вакви фрази сме слушнале од родители. На овие простори и тоа како да се одомаќинети. Родителите грешат мислејќи дека на овој начин, ако ги споредуваат со други, ги мотивираат децата.
– Имам ќерки, близначки. Едната е понапредна во учењето, а на другата повеќе ѝ одат физички активности, спорт. Кога тргнаа на училиште, секогаш ја споредував едната со сестра ѝ која полесно ги совладува обврските во школо. И направив голема грешка, потценувајќи го едното дете. И тоа што можеше да го постигне не го правеше плашејќи се дека нема да биде доволно добра како сестра ѝ. Сега се во пубертет и таа е затворена, потешко комуницира. Дури и кога оди, оди некако стегнато – раскажува мајката А.Т. од Скопје.
Барајте го позитивното
Разговаравме со психолог за да дознаеме како ваквите споредби влијаат врз децата.
– Лошо. Ова е всушност најлошото нешто што родителите им го кажуваат на децата – вели Дивна Јанкова, психолог во средно училиште во Куманово.
Таа објаснува дека секое дете има свои лични вредности.
– Секое дете е приказна за себе. Родителите треба да го бараат позитивното кај своите деца. Ако детето направило десет лоши, вие треба да најдете една добра работа кај него. На тој начин ќе го охрабрите и истовремено ќе ја постигнете вашата цел – додава Јанкова.
Фокусирајте се на вас, а не на детето
Со самото споредување на детето ние му укажуваме дека не сме задоволни од него, а дека сме задоволни, на пример, од Марко. Овој принцип нема позитивен ефект кај детето, а родителите само непотребно ја трошат својата енергија.
– Доколку детето направило нешто лошо, на пример, сте му кажале да го намести креветот, а тоа не ве послушало, не споредувајте го со друго дете што го наместило својот кревет. Наместо тоа, фокусирајте се на вас и на вашите чувства. „Јас се чувствувам многу лошо што не си го наместил креветот. Ќе ти бидам многу поблагодарна ако го наместиш сега“. Големи се шансите детето да ве разбере и утредента само да си го намести креветот – објаснува Јанкова.
Дивна Јанкова, психолог
Не се напаѓа личноста, туку постапката
Јанкова советува родителите што имаат навика да го напаѓаат детето како личност, да се откажат од неа.
– Зборовите: не си доволно добар, немирен си, непослушен… негативно влијаат врз самодовербата на децата. Треба да се осудува само неговата грешка и да му се укаже како да ја поправи. Задача на родителите е да ги мотивираат децата, да ги научат како да учат од грешките и да им помогнат да се надградуваат себеси, а не да ги обесхрабруваат – додава таа.
912