За мајката. Секогаш мислам на мајката. Ќе се случи нешто страшно и мене ме обзема уште поголем страв: како ли ѝ е на таа мајка? Тогаш јас станувам таа мајка, целосно се претворам во згмечено и згрчено срце.

Со денови молчам. Си велам: молчењето е злосторство. Општествено неодговорна си, зборувај!

Но, не можам. Бидејќи немам лутина во себе, немам енергија да иницирам промени. Го имам само ова длабоко чувство на уште подлабока тага што ме разнишува, како на некој далечен бран и не остава простор за прашањето: каде понатаму?

Како да се продолжи?

Селективна емпатија, молчи, барем не сме ние… милион оправдувања и изговори доаѓаат до израз. Милион начини да се оправдаме и да продолжиме понатаму. Само кога сè ќе замолкне, таа слика повторно се појавува пред мене.

Како ли ѝ е на таа мајка?

Зошто купувала билет на неколку метри од клупата на која седело детето?

Зошто децата со дедо им ги испратила кај другиот дедо на слава?

Зошто полнела пиперки и матела тесто за палачинки за да го пречека својот син студент?

Зошто се насмевнувала мислејќи на заљубената ќерка и нејзиното момче – фин некој дечко, воспитан, ех, младост?

Како ли ѝ е на таа мајка?!

На која ѝ беа одземени рацете и прегратките…

И молчам, зашто секој збор е мал во споредба со тој океан на болка, таа непроценлива длабочина, неизмерна ширина, бесконечност. Гледам: околу мене има многу што молчат, оние што креваат врева, оние што викаат, плачат. Не можам, а да не помислам: како ли ѝ е на таа мајка? На мајка на која ништо од тоа не ѝ значи.

Можеме ли да промениме нешто? Има ли збор, движење, дело што може да ги сврти работите? Која е мерката за доброто што ни треба? За да не се најдеме повторно зашеметени и згрозени. Колку љубов и добрина ни се потребни за да оздравиме како општество?

Со викање, плачење, молчење, пак ќе одиме – на работа, во пекарница по кифла и јогурт, на училиште на писмен тест по математика, на испит, на одмор, на тренинг, планинарење… пак ќе месиме, ќе одиме во театар, на натпревар, на шопинг…

Возовите ќе продолжат да се движат по шините…

Душите меки ќе се упатуваат кон небото и виножитата…

Но, како ќе ѝ биде на таа мајка?

Автор: Србијанка Станковиќ

Извор



912

X