Воспитување

Како ќерката ѝ го менува животот на својата мајка

Дали отсекогаш сте посакувале да имате ќерка? Дали можевте да замислите како ќе ви се промени животот кога таа ќе стигне.

Издвоивме 5 факти во кои ќе се препознае секоја мајка на девојче. Тие ќе ви дадат одговор на прашањето како раѓањето на ќерката го менува животот на мајката.

Го смирува темпераментот на мајката

Дали забележавте дека раѓањето на ќерката на некој непознат и неочекуван начин ве смири? Тоа дејствува како седатив. Стануваме поблаги, и покрај непредвидливоста што ни била одлика. Ќерката како да нѐ скроти. Желбата таа да порасне во стабилна и јака девојка, па и жена, нѐ натера да ја преиспитаме секоја одлука што сме ја донеле. Поради неа, ја прифаќаме одговорноста за своите постапки, се помируваме сами со себе и простуваме.

Ја освестува мајката

Во текот на растењето и созревањето многу жени се борат со прифаќањето на себеси и на своето тело. Секогаш посакуваме неколку килограми помалку, помал нос, подолги нозе…, списокот со желби е бесконечен.
Потоа доаѓа ќерката. Набрзо сме преплавени од сознанието дека ќе нѐ набљудува и ќе нѐ имитира во сѐ. Фактот дека таа може да ги усвои сите наши лоши навики нѐ освестува. Зашто болна е помислата дека таа може да биде толку остра и нељубезна спрема себе. Тоа е последната работа што некоја мајка ќе ѝ ја посака на својата ќерка.

Ја прави мајката повнимателна

Повеќето жени се свесни за непријатните ситуации што ги носи животот. Непријатностите за кои зборуваме се врз основа на нашиот пол. Можеби и вие сте биле жртва на нечие остро мислење и критика поради тоа што сте жена. Се надеваме дека сте успеале да се изборите со тоа и дека сте го продолжиле животот како храбри индивидуи способни да го изразат своето мислење.
Како што го набљудуваме секој чекор од нејзиното растење, така расте и нашиот страв. Не е тоа страв за нас, туку за неа. Се плашиме од светот во кој таа расте. Се плашиме од поразителните статистики што од сите страни доаѓаат до нас. Се плашиме од малтретирање и силување. Стравот што го чувствуваме сега како мајка, никогаш претходно не сме го имале.

Предизвикува позитивен бес кај мајката

Стравот за кој зборувавме кај мајките предизвикува позитивен бес. Можеби не сте се грижеле премногу за правата на жените, ниту сте се бореле за нив, но сега е поинаку. Мајките се борат и со цело срце ја поддржуваат еднаквоста на платите на жените и мажите, половата еднаквост на работа и насекаде. Мајчинството дава поширока слика за тоа што значи да се биде жена.
Тој природен инстинкт мајка-лавица сега е во полна пареа и вашата ќерка ви дала отскочна штица за борбата за подобар свет.

Ја прави мајката похрабра

Дури и да мислевте дека сте биле бестрашни, раѓањето на вашата ќерка ќе ви го покаже спротивното. Сте се лажеле. Сетете се на оние моменти кога сте ги пуштиле другите да докажат дека биле во право додека вие сте кимале со главата само за да не се замерите. Сте им дозволиле на луѓето да ве повредат и да си заминат. Сте избегнувале судири по секоја цена.
Не повеќе. Готово е. Тоа не е модел на храброст кој сакаме ќерките да го преземат. Затоа треба да зборуваме гласно и јасно, да го посочиме секое неправедно однесување, да поставиме граници и да бараме подобро.

Како никогаш претходно, по раѓањето на ќерката трчаме по остварувањето на одамна зацртаните цели. Ризикуваме зашто сакаме да бидеме пример на храбри жени. Сакаме тие да знаат како изгледа и што прави жената што не се откажува од своите соништа.

 

Поврзани написи

To top