Игротека

Како Кејт и Вилијам ја штитат приватноста на своите деца?

Да се биде дел од кралското семејство, а да се оградиш од медиумите и јавноста звучи како невозможна мисија, но принцот Вилијам и Кејт Мидлтон постојано се обидуваат на своите деца да им овозможат нормално детство. Детство исто како што имаат сите нивни врсници. Поради тоа, тие прават сè што можат за нивните деца да бидат што е можно помалку изложени во медиумите.

Надвор од Лондон во слободно време

Уште на самиот почеток на врската со Кејт Мидлтон, па сè до денес, принцот Вилијам има ист став кон припадниците на седмата сила. Тој одржува пристоен и коректен однос со медиумите, но својот приватен живот успешно го крие од јавноста.

Најголемиот дел од слободното време принцот со своето семејство го поминува надвор од Лондон, поточно на својот имот Анмер Хол во Норфолк. Таму одат и за време на празниците за да си се посветат едни на други, да се тргнат од градската врева и да се одморат од фотографите кои во Лондон ги има на секој чекор.

Одлучуваат кој ќе ги слика

Најомилените на јавноста, децата на Кејт и Вилијам, принцот Џорџ и принцезата Шарлот, а од неодамна и принцот Луис, честопати се појавуваат во медиумите. Нивните најнови фотографии за многу брзо време се споделуваат преку друштвените мрежи, но мора да се напомене дека сите нивни фотографии внимателно се одбираат. Кејт Мидлтон не сака нејзините деца да имаат трауми од медиумскиот притисок и сака барем до некаде да им овозможи едноставно и нормално детство. Затоа кралскиот пар одбира кои фотографи смеат да се покануваат на службените кралски веселби. Понекогаш и лично Кејт ги фотографира своите деца.

Договор со медиумите за објавување фотографии

По раѓањето на синот Џорџ, а потоа и на принцезата Шарлот, кралскиот пар ги предупредил медиумите околу објавувањето папарацо-слики од нивните деца. По неколку инциденти кога медиумите се обидувале да ги фотографираат нивните деца, кралскиот пар упатил апел до граѓаните да не купуваат весници со неавторизирани слики од нивните најмали.

Денес, семејството негува исклучително добар однос со медиумите во Британија, но има договор за почитување на приватноста на децата. Кога малиот Џорџ тргнал во училиште, пред школото имало само еден фотограф и еден новинар, кои биле претходно добиле одобрение од семејството. Првачето немало голема трема, ниту дополнителна нервоза на првиот училиштен ден.

Спонтани фотографии на јавни места

И покрај тоа што семејството не дозволува да се фотографираат нивните деца, сепак, во одредени ситуации на медиумите им се прогледува низ прсти. Една од тие ситуации е денот кога принцот Вилијам учествувал на поло-натпревар, а од публиката го бодреле Кејт и децата. Тогаш биле направени фотографии од слатките кралските наследници како босоноги трчале по тревата и уживале во играта со мајката. Кралскиот пар не реагирал на овие фотографии затоа што сите членови од семејството биле прикажани во позитивно светло.

Поврзани написи

To top