Советите за родителство се менуваат од недела на недела. Од насоки што се однесуваат на исхраната, до тоа кога и како треба детето да почне да оди, па многу е веројатно дека за секое дете ќе добивате различни совети од бабици, педијатри и други експерти, дури и ако децата ги родите во период од само две години.
Меѓутоа, листата со инструкции за денот со новороденче од пред 70 години ги шокирала родителите, посебно мајките. Објавена е на фејсбук-страницата Mum’s Grapevine и луѓето не можат да се начудат.
Имено, како што пишува на фотографијата, денот на бебето треба да му почнува во 6 часот наутро со хранење, менување пелени и држење без пелени над веце-школка, па повторно спиење, до речиси 9 часот наутро. Потоа се советувало на детето да му се даде вода, па да се стави на кревет без облека, а во текот на летните месеци и да се исонча.
Во 10 часот следувало другото хранење, држење на веце-школка, па спиење до приближно 13 часот. Потоа бебето повторно треба да пие вода, да игра, а и во зимските денови треба да се сонча. Третото хранење било предвидено за 14 часот, по што следувало повторно држење над веце-школката, или нокшир, а потоа прошетка. Во 16 часот се пиел сок од портокал, во 17 часот и 30 минути на распоред било бањање.
Во 18 часот со хранење детето треба да се смири и да се подготви за спиење. Детето повторно се става над нокшир без пелена и потоа треба да се стави во кревет свртено настрана или на грб, да се изгаси светлото, да се остават прозорците отворени и да се затвори вратата.
Во 22 или 23 часот следува последното хранење во денот. Со менувањето на пелените и ставањето на бебето да спие до 6 часот наутро, мајките пред 70 години би требало да го завршат својот ден.
„Поради ова држење без пелени над веце-школката, децата порано се одвикнувале од пелени“, коментирала една мајка, додека други се насмеале и заклучиле дека звучи како жените тогаш да имале живот.