Воспитување

Како Италијанците ги воспитуваат децата и што можеме да научиме од нив

Познато е дека скандинавскиот начин на воспитување на децата се издвојува, пред сè, поради часовите што малечките деца ги поминуваат во природа, но и поради учењето на емпатија уште од мали нозе. Во Јапонија децата рано се осамостојуваат, додека Ескимите никогаш не им викаат на своите деца. Од секој модел можеме да извлечеме нешто поучно и корисно, а еве како Италијанците ги воспитуваат малечките.

Мајката и авторка на книгата „Надвор од рамките: Зошто на нашите деца им треба вистинска храна, а не прехранбени производи“, Џени Маршал, го споделила она што го научила од италијанските родители:

-Во Рим, каде што живеам последните 10 години и каде што се роди мојот сега веќе седумгодишен син, родителите не бараат строга дисциплина, ниту пак се внимателни набљудувачи на однесувањето. Одете во кој било ресторан во Рим, од обичен до луксузен, во 22 часот, и ќе видите деца кои јадат и разговараат на маса со возрасните. Понекогаш се однесуваат лошо и возрасните ќе ги смират со кревање на тонот на гласот и со движење на рацете, покажувајќи предупредувачки знаци. Околу 23 часот некои деца ќе ги „закопаат главите во шпагетите“, или ќе одмараат во скутот на родителите, па ќе си спијат додека возрасните се забавуваат.

Децата се позитивен и составен дел од италијанското општество, а рестораните се место каде што се забележува овој став. „Бидејќи семејството е толку важно, немаме толку строги генерациски ѕидови како што може да видите во Америка“, објаснува Паола Сарторио, инструкторка на колеџ во Рим и мајка на петгодишни близнаци. „Ако влезете во ресторан за ручек, можете да забележите деца, тинејџери, возрасни, и баби и дедовци. Нормално е да се споделуваат сите фази од животот со семејството и заедницата“.

„На јавни места со пријателите и семејството, мојот син научи да јаде храна, да го јаде она што му се сервира, вклучително и инчуни и аспарагус, како и да учествува во разговорот и да ги почитува другите луѓе додека ги споделуваат нивните интереси“.

Децата не се толерираат во рестораните, туку таму се пречекани со ентузијазам. Не е невообичаено да видите келнери како парадираат со малите деца носејќи ги на рамената, или да ги видите како прават мало тесто за пица за децата да си играат на масата. „Неодамна ручав во мал ексклузивен ресторан. Луѓето без резервации се одбиваат на врата. Но, кога еден млад брачен пар пристигна со шестнеделно бебе во рацете, келнерот ги воведе и ги замоли сите да се поместат малку за да направат место за дополнителна маса. Другите гости, далеку од тоа дека беа изнервирани, напротив, беа воодушевени што имаа и бебе во околина“.

Италијанските деца имаат место во културата, а културата има улога во социјализацијата на детето. Тие не мора да се држат настрана од возрасните, кои би можеле да ги сметаат за бучни или досадни. Во исто време, родителите не ги претставуваат своите деца како ретки суштества достојни за обожување. Освен помошно седиште за малите деца, тие ретко бараат посебно внимание. Луѓето им се смеат на децата во автобус, разговараат со нив на пазар, но кога тие не го јадат својот зеленчук во ресторанот, не се само родителите оние што имаат што да кажат за тоа.

Сето ова е одраз на некаква леснотија што членовите на италијанските семејства ја чувствуваат едни кон други и во комуникацијата со различните генерации. Американските антрополози кои ги проучуваат семејните интеракции неодамна објавија дека американските родители биле многу фокусирани на децата и имале идеализирани поими за тоа што претставува „семејното време“. Американските родители се усогласуваат со децата, наместо да ги учат децата да се вклопуваат. Истражувачите забележале дека оваа идеја не постои во италијанските семејства.

Сепак, италијанските родители се првите што ги критикуваат сопствените методи. Светската економска криза ги загрижува дека нивната култура може да ги поттикне децата да го ценат задоволството наместо одговорноста. Тие се загрижени дека нивниот акцент на семејството ја поттикнува зависноста.

„Француските деца се однесуваат многу убаво во јавност“, вели Андреа Марони Понти, смеејќи се додека гледа група седумгодишни деца како радосно се удираат со балони и мечови на роденденска забава. „Но, можеби тие се малку престроги“, додава тој. „Можеби треба да бидеме построги, можеби треба да ги направиме малку посериозни“.

Иако задоволствата што ги негуваат генерации Италијанци во уметноста и храната, како и дружењето на трпезата, можеби не се вреднуваат во нашиот сегашен економски систем, тие се од суштинско значење за човечката среќа. Задоволството и убавината се родени права за Италијанците, а родителите велат дека нивните деца мора да научат да ги ценат. Во галериите и црквите родителите ги учат децата да ја надминат здодевноста и да обрнат внимание на уметничките дела. „Овој викенд ќе ја видиме Систинската капела“, вели Кјара Монети, мајка на осумгодишно дете. „Нашата ќерка не е возбудена, но не е негативно настроена по тоа прашање – доволно е заинтересирана“.

Изгледа дека Италијанците секогаш ги учат децата да уживаат во нештата наместо да стекнуваат знаење од кое може да се извлече корист. Тие не ја поттикнуваат конкурентноста како другите земји. Нема учители за странски јазици или часови по готвење за мали деца. Една неодамнешна статија во „Психологија денес“ сугерира дека обидот да им се даде предност на децата пред другите може да ги направи несреќни и постојано загрижени за нивниот статус.

Италијанците ги поттикнуваат децата да го разберат и да го ценат местото на уметноста и културата во општеството, на начин што им дава на децата чувство на внатрешна среќа. Се чини дека тие повеќе се фокусираат на задоволството отколку на товарот што со себе го носат децата во средината. „Мислам дека ова е здраво за децата и подобро за целото општество. Тоа секако го олеснува уживањето во родителството“, вели Маршал.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top