На самиот почеток од 20 век во американските градови владееше туберкулозата, која во тие години беше особено фатална за децата и младите од сиромашните средини.

Мери Пакард и Елен Стоун, докторки во најмалата американска држава Роуд Ајленд, во 1907 година добиле идеја како да ја спречат или макар да ја ублажат трансмисијата на туберкулоза меѓу децата. Претходно тие основале Лига за сузбивање туберкулоза во својата држава.

Имено, Пакард напишала писмо до претседателот на Логата Џеј Перкинс во кое му ја изнесува својата идеја: „Дали мислите дека е прерано да се обидеме со една мала група, за дел од децата, да организираме училиште кои би личело на училиште на отворено? Тоа, секако, би било за почеток само експеримент. Предложено е шталите за коњи во Северната главна улица да се преуредат…“

Првото училиште од овој тип е „отворено“ во јануари 1908 година и примало деца за кои се знаело дека биле во контакт со туберкулоза, но без изразени симптоми. Училниците имале многу прозорци, некои од нив и од сите 3 страни, а сите биле отворени цело време, иако била зима. И тоа многу студена зима. Децата, баш во студените денови, носеле таканаречени ескимски вреќи за седење во кои се ставале топли камења за да им се греат стапалата. Учителката Мери Пауерс, покрај тоа што го предавала материјалот, им подгревала супа и пудинг на децата.

Експериментот се покажал како апсолутен успех на сите полиња, а она најважното – ниту едно дете не се разболело. Дури ни од настинка. По две години биле отворени 65 вакви училишта, а едно приватно училиште во Њујорк спроведувало часови на покривот. Како што инциденцата на туберкулозата се намалувала со појавата на антибиотиците, така и училиштата на отворено се затворале, а последното било затворено дури во 1965 година.

фото: Jacob Riis, 1910, MCNY Collections Portal

Каква врска има тоа со коронавирусот

Ако им се верува на кинеските истражувања, има врска. Едно од нив што опфатило 7.000 случаи покажало дека од тие 7.000 дури едно заразување се случило на отворено.

Друга студија, спроведена во 2018 година, опфатила 161 дете со пречки во развојот и докажала дека оние деца што учеле надвор, на отворено, покажуваат повисоко ниво на внимание и концентрација во споредба со децата што учеле во конвенционални училници. Слична работа се случила во едно основно училиште во Филаделфија каде што казните за непочитување на правилата на однесување се намалиле од 50 годишно на нула, откако дел од часовите се префрлиле во дворот. Па така, наместо ротирање помеѓу онлајн и настава во училници, можеби децата би можеле да се ротираат помеѓу учењето во училница и на отворено, односно во простор кој би имал проток на воздух како отворениот простор.

фото: PS 51 “anemic classes” from the Library of Congress

За крај, ова се правилата што лекарите барале да ги почитуваат учениците во тие рани години на 20 век во Роуд Ајленд:

– Никогаш не плукај на подот или на плочките;
– Немој да го чепкаш носот и немој да го бришеш со рака или ракав;
– Немој да го лижеш прстот кога треба да ја свртиш страницата;
– Не ставај го пенкалото ниту в уста ниту на усните;
– Не ставај в уста ништо што не е храна или пијалак;
– Немој да делиш ниту да разменуваш овошје, слатки, гуми за џвакање, недојадена храна, свирчиња, ниту што било друго што се става в уста;
– Никогаш немој да кашлаш или да киваш некому в лице. Сврти се на друга страна. Лицето и рацете секогаш нека бидат чисти. Пред секое јадење измиј си ги рацете.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X