Детето што расте во здраво семејство има предиспозиции да се развие во стабилна личност

Тргнувајќи од анализата на семејството како клучен фактор за развојот на детето и како место каде што започнува процесот на формирање на сликата за себе кај детето, може да зборуваме за два вида семејства: здраво семејство и дисфункционално семејство.

Функционално – здраво семејство

– Здраво семејство е она семејство што може да се развива и покрај тешкотиите на кои наидува.

– Здравото семејство ги решава проблемите низ семејните правила и вредности. Тоа поседува извор на решавање на проблемите, тој извор е полн со љубов, меѓусебно разбирање, доверба и заедничко решавање на семејните конфликти.

– Во здравото семејство толеранција на конфликтот може да се одржи долго сè додека не се најде некој компромис за решавање на проблемот.

– Границите на здравото семејство се пропустливи и се одржува раздвоеноста на генерациите, членовите на иста генерација имаат еднаков ранг.

– Меѓусебната доверба и лојалност се основа за стабилни односи во семејството. Оваа стабилност го негува чувството на семејството како целина и служи како одбрана од стрес и дезорганизација.

Детето што расте во едно вакво здраво семејство има предиспозиции да се развие во една стабилна личност со адекватно оформена емоционалност и социјалност во согласност со возраста.

Дисфункционално семејство

– Дисфункционалноста во семејството потекнува од стресовите што може да бидат предизвикани од: опкружувањето, развоен стрес низ животните циклуси и трансгенерациски стрес.
Кој било од овие стресови во семејството доведува до застој или ситуационо нарушување.

– Дисфункционалноста во бракот може да се набљудува како заедница во која недостигаат пријатните чувства, а со својот интензитет повеќе се изразени непријатните чувства.
Во дисфункционалното семејство недостига флексибилност помеѓу брачните партнери, а децата во овие семејства немаат можност и услови да се формираат како личност. Притоа, отсуството на флексибилност доведува до хронична појава на конфликт и во однос на позицијата во бракот едниот партнер функционира активно, а другиот партнер адаптивно.

Слаѓана Анѓелкоска

– Дисфункционалноста во семејството може да се изрази во вид на ригидни или дифузни внатрешни или надворешни граници. Границите помеѓу членовите на семејството се избришани и членовите во семејството се премногу оддалечени еден од друг, а комуникацијата помеѓу членовите во семејството е нејасна и конфузна.

– Дисфункционалноста помеѓу партнерите доведува до недостиг на родителска емпатија која се изразува во недостиг на способност на родителот да ги согледа потребите на детето.

– Една од најсложените брачни дисфункции е разводот на бракот, кој со себе води одредени последици не само за брачните партнери туку и за децата. Овој вид дисфункција на семејството остава траги врз емоционалниот, социјалниот и психолошкиот развој на детето. Децата многу ретко ги разбираат причините поради кои се случува сето тоа во нивното семејство.
Родителите најчесто се премногу окупирани со своите проблеми, така што не можат да забележат како се чувствуваат нивните деца и забораваат да разговараат со нив и да им дадат објаснување за целокупната реорганизација на нивниот живот. Поради тоа, оваа група деца ги потиснуваат болните чувства и пројавуваат одредени физички и бихевиорални симптоми карактеристични за деца што ги проживуваат разводот и разделбата на родителите.

Автор: Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, лиценциран психолог при Комора на психолози
Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.
Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.



912

X