Воспитување

Како детските психолози се справуваат со анксиозноста на сопствените деца

Анксиозноста не ги погодува само возрасните. Многу деца се борат со чувства на анксиозност, што може да се манифестира како промена во однесување, регресија, несоница, проблеми во исхраната, тешкотија при транзиции и слично.

Детските психолози што имаат деца ја разбираат важната улога на родителите во давањето поддршка и помош на децата за справување со анксиозноста.

– Родителите се првите учители во животот на своите деца – вели Клер Никогосијан, клинички психолог, професор по психијатрија и човечко однесување на Универзитетот „Браун“.

– Дневните рутини и распореди, како и интеракциите и вештините за справување со стресот и конфликтите, почнуваат од дома. Родителите ја поставуваат основата за тоа како детето ќе се справува со емоциите и чувствата – вели таа.

Како точно се справуваат детските психолози со анксиозноста на нивните сопствени деца?

Слушаат

– Кога моето дете искусува анксиозност од кошмар, кога влегува во нова ситуација или средина, јас прво почнувам да слушам. Не само што ги слушам зборовите, туку го набљудувам и говорот на телото и сè што е поврзано со изразувањето. Можете да научите многу ако навистина слушате. Што зборуваат децата, за што се навистина загрижени вели Ен-Луис Локхарт, педијатарски психолог и тренер за родители.

Се ставаат на местото на децата

– Се обидувам да се ставам на местото на мојата тинејџерка. Полесно е да се реагира од сопствена перспектива, но кога гледам од нејзината, ми се развива поголема емпатија кон неа – вели Абигејл Гевирц, детски психолог.

Обрнуваат внимание на сопствената анксиозност

– Децата учат за емоциите генерално, особено за анксиозноста, кога ги гледаат родителите како се справуваат со сопствената анксиозност, кога гледаат како ние реагираме на нивните грижи и преку дискусиите за стравовите. Нашата анксиозност може лесно да влијае врз децата бидејќи тие постојано набљудуваат. Па кога треба да им помогнеме да се справат со нивната анксиозност, прво треба да ги регулираме сопствените емоции, да дишиме длабоко, да се смириме, за да не реагираме емоционално на нивните проблеми. Кога еднаш ќе се справите со сопствените, тогаш ќе можете да му помогнете на детето со неговите емоции и грижи, па да ги валидизирате и навистина да ги слушате – вели Гевирц.

Признаваат дека анксиозноста е природна

– Имам 4 ќерки – близначки на возраст од 18, а другите се на 12 и 10 години – и можам да споделам дека во речиси две децении родителство, реалноста е тој дел од детскиот развој од бебе до дете, па до тинејџер, кој ќе биде исполнет со анксиозни моменти и емоции. Клучот за вас како родител е да знаете кога анксиозните моменти треба да се очекуваат и кога се разбирливи, на пример, анксиозност поради лош сон, голема врева, првпат одење на училиште и слично, па тогаш треба да се внимава да не се создаде образец кој креира страв и неправилно функционирање – вели Никогосијан.

Ги валидизираат нивните чувства

– Секогаш се обидувам да ги валидизирам нејзините грижи. Понекогаш таа има потреба само да ја слушам, но често бара и решение. Наместо да добие совет, јас се обидувам да ги осознам нејзините мисли и да увидам што би можело да помогне, па потоа ѝ помагам да ги согледа опциите, нештата кои се ЗА и ПРОТИВ, па да смисли идеи кои јас не би можела да ги помислам – вели Гевирц.

Им помагаат да го вербализираат она што се случило

– Обезбедувам емпатичен одговор користејќи зборови со чувства и соматски знаци. Многу е важно да се создадат врски помеѓу настаните, чувствата, мислите и однесувањата. На тој начин моите деца сфаќаат дека нивните мисли или чувства не произлегуваат од никаде, туку има валидна причина за сето тоа – вели Локхарт.

Обрнуваат внимание на промените во однесувањето

„Анксиозноста кај децата може да биде присутна преку промена на однесувањето и физички, на пример: проблеми со спиење, промена во апетит, иритација, забрзани мисли, грижи, стравови, тешкотија при концентрирање, болки во мускули, замор, чудно однесување, грижа за безбедноста, потреба да се биде совршен, како и гризење коса, нокти и слично. Ако забележите тренд или образец на однесување кај вашето дете, тогаш анксиозноста е повеќе од момент кој ќе помине, па затоа се нарушува и самото функционирање дома, на училиште и во социјалните односи, па треба да се обратите кај вашиот педијатар или лекар за евалуација и поддршка. Ова е важно за да биде евалуирана ситуацијата и да се прими поддршка и третман – вели Никогосијан.

Ги охрабруваат да дојдат до решенија

– Кога моите деца се под стрес за нешто, ги прашувам: Има ли повеќе од еден начин да му се пристапи на овој проблем? Како поинаку може да се справиме со ова? Има ли различно решение? Родителот мора да верува дека детето има способност да се справи со сопствената анксиозност. Родителот не може да се обидува да го реши проблемот за детето бидејќи тогаш детето нема да научи како да се справува со сопствената непријатност. Не кажувајте им на децата што да прават или со што да се обидуваат бидејќи ако им давате свои сугестии, тогаш тие нема самите да го смислат решението. Никој не сака да му се кажува што да прави. Задача на родителот е да им даде можност на своите деца да ги вежбаат вештините што ќе им помогнат да изградат отпорност – само така ќе ги надминат предизвиците и ќе имаат сила за справување и покрај емоционалната вознемиреност. Прашајте ги што може да направат за да им биде подобро – учете ги да се грижат за себе. Вашето дете ќе стане поотпорно како што ќе има можности самото да ги сфати работите – вели Џени Јип, клинички психолог.

Ги охрабруваат да ги променат своите перцепции

– Го валидизирам она што го искусуваат и не им велам дека се добро. Ја препознавам нивната анксиозност и се обидувам повторно да ги ставам во рамка нивните мисли и да ја променам нивната перцепција, иако некогаш нивното тело испраќа знаци дека се работи за итен случај. Со текот на времето, децата ги усовршија своите вештини во тој поглед – вели Наташа Даниелс, детски терапевт.

Поминуваат квалитетно време заедно

– На родителството гледам како на однос и хармонија со своите деца, па сè што правите со своите деца, тргнува од таа појдовна точка. Тоа што поминувам само 5 минути квалитетно време со мојата ќерка секое утро, кога ѝ го посветувам целото мое внимание, ни помага на двете денот да тргне во позитивна насока. Гледам дека тоа ѝ овозможува повеќе да соработува и да ме слуша – вели Џеновив вон Лоб, психолог.

Грижата за себе е приоритет

– Мојот приоритет како родител е да ја ставам мојата благосостојба и грижа за себе на прво место и да се осигурам дека се чувствувам смирено, балансирано и стабилно. Кога сум под притисок, забележав дека и ќерка ми е вознемирена. Децата се како сунѓери и впиваат сè, дури и ако даваме сè од себе за да ги скриеме емоциите. Најважно нешто е што ја вежбам самољубезноста, па и си давам дозвола да направам пауза во текот на напорен ден. Како и секој родител, си имам денови кога сум во фаза на преживување – никој не е 100 % смирен и се обидувам секогаш да се потсетувам на тоа бидејќи сум само човек – вели Вон Лоб.

Ги споделуваат стратегиите за справување

– Алатките за емоционална регулација се од голема помош. На пример, визуелен термометар кој покажува бои што може да бидат поврзани со нивоа на емоции е одлична алатка за користење кога детето е анксиозно. Покажете му го на детето термометарот и нека идентификува која емоција ја чувствува. Колку станува посвесно за чувствата, толку подобро ќе може да ги идентификува раните знаци на анксиозност. Со користењето стратегии за справување ќе се намалат и анксиозните напади – вели Рина Б. Пател, лиценциран едукациски психолог.

Соработуваат

– Што ти е потребно од мене во моментов?, Кога сум нервозна, дишам длабоко и ги затворам очите. – Овие реченици ги користам за да го охрабрам детето и да му испратам порака дека иако во моментот не знае како да се справи со ситуацијата, ги има алатките за да се справува подобро во иднина, па советувам да се обиде да открие од што најмногу ќе има корист – вели Локхарт.

Проверуваат

– Анализирам, истражувам и разговарам со сите важни возрасни лица во животот на детето. Кога мојата втора ќерка беше прво одделение, забележав промена кај неа, па по внимателно истражување, сфатив дека искусувала булинг на училиште. Понекогаш децата не сакаат да ги оптоваруваат родителите. Па потребно е малку истражување од страна на родителите за да сфатат што точно се случува – вели Робертс.

Им покажуваат милост

– Да се биде терапевт за анксиозност и опсесивно-компулсивно нарушување кај деца се состои од комплицирани нивоа за пристап. Присутни се чувствата на вина и несоодветствување. Кога моите деца имаат тежок период, нивните несигурности излегуваат на површина и јас се справувам со тоа. Некогаш лоши мисли ме обземаат бидејќи јас сум професионалец токму за ваква проблематика, а и моите деца имаат такви моменти, но потоа ги обликувам мислите – го знам секое сценарио што може да го предизвика анксиозноста, што понекогаш е клетва, а понекогаш благослов, но да се биде детски терапевт значи да се имаат на располагање сите вештини и алатки за справување. Тешко е да се одгледуваат анксиозни деца, а стручната подготовка може навистина да ви помогне во тоа – вели Даниелс.

Автор: Каролин Болоња

Извор

Поврзани написи

To top