Многу е важно што повеќе време да поминувате надвор, но во периодот од 11 до 17 часот подобро е да се засолните во длабока сенка или во куќата, која можете да ја разладите со клима или со вентилатор.
За детската кожа е многу важно да биде изложена на воздух и на сонце, но, секако, не на јако сонце и не во периодот од денот кога е опасно. Сонцето е особено важно за бебињата и за малите деца зашто кај нив се создава витамин Д, па децата поздраво се развиваат и растат. Додека сте на море не мора редовно да ги користите капките со витамин Д зашто тој сам се создава во организмот на вашето дете.
Летото е период на високи температури, а бебињата се посебно чувствителни на големите горештини. Идеално би било да го доите бебето, зашто тогаш нема проблем со храната и со изборот на течности. Сепак, и на бебето што го доите, при големи горештини, може да му понудите вода или чај. Седењето под директно сонце треба да се избегнува од 10 или 11 до 17 часот. Во тоа време подобро би било да го планирате ручекот, да се одморите или може да седите во делот од градината или паркот што е под дебела сенка. Значи, може да го носите бебето на плажа само рано наутро и доцна напладне. Иако тоа сите педијатри и медиуми го препорачуваат, се уште се јавуваат болести поради претерано изложување на сонце, придружени со мачнини и повраќања.
Правилна заштита од сонцето
При секое излегување надвор, без оглед што бебето нема да биде директно на сонце, добро е да го намачкате со крем со висок заштитен фактор. Од вас зависи која марка ќе ја одберете, најважно е кремот да е наменет за детска кожа, да нема конзерванси, како парабени, да има висок заштитен УВ-фактор, не помал од 50. Добро е кремот да може лесно да се размачка, да не ја мрси кожата и да не мора често да го нанесувате бидејќи децата се немирни, нестрпливи и најчесто не сакаат да ги мачкате.
Ако децата се изложат на сонце, а не се намачкани со заштитен фактор, може да дојде до изгореници. Детската кожа е многу потенка, нема доволно поткожно масно ткиво, склона е кон дехидрирање, и нема пигмент кој би ја штител.
Како да ги разладите?
Во лето децата, а и бебињата, може да ги бањате или да ги туширате по неколку пати на ден зашто ќе им биде попријатно.
Ако престојувате во затворен простор, препорака е тоа да бидат проветрени и климатизирани простории. Ако е возможно, би било добро просторијата да се проветрува по природен пат, а може повремено да се користат вентилатори кои го мешаат воздухот. Но, бидејќи денес најчести се клима-уредите, внимавајте температурата во просторијата да не биде многу пониска од надворешната зашто тоа не е здраво. Користете го секој момент детето да биде на отворено, во сенка на некои борови или во градина под тенда.