Постои еден многу корисен метод со кој родителите лесно може да ги поттикнат децата да ги споделуваат ситуациите, доживувањата и проблемите со кои се соочуваат во секојдневието.
Создаjте еден ритуал во секојдневната семејна динамика наречен „Да ви кажам што ми се случи денес“.
Секој ден, по работниот ден, кога целото семејство се сретнува во домот без разлика дали се работи за семејство со предучилишно или училишно дете, практикувајте да споделите ситуација од вашиот ден која има воспитен карактер, со цел да го научите детето на некоја вештина, што значи дека селективно ја одбирате.
Секој ден кога ќе влезете во домот, не прашувајте го детето како си поминало во градинка, како си поминало во училиште, што се случило, туку вие раскажете опишувајќи ги вашите чувства и начинот на кој се справивте со нив, а и со самата ситуација. Со тоа му овозможувате на детето простор и начин без притисок да ги споделува нештата што му се случуваат.
На пример: „Да ви кажам што ми се случи денес, многу се трудев да сработам еден документ на работа и кога одеднаш компјутерот ми се исклучи, документот се избриша. Ме обзеде лутина бидејќи повторно требаше да го работам истото, но и страв дека нема да го завршам навреме. Тогаш си реков дека е најдобро да се напијам чаша вода, да издишам и да вдишам длабоко, да избројам до десет и да се смирам. Откако се смирив, сфатив дека ќе можам побрзо да го изготвам истиот документ бидејќи точно знаев што треба да правам и навистина се случи така. Од ова научив повнимателно да работам и навремено да си го сочувувам документот.“
Децата многу сакаат кога им раскажувате реални случки што ви се случиле и сте ги решиле. Во нивните очи вие станувате суперхерои и некој од кого можат да се инспирираат, а и да му веруваат. Следејќи го вашиот пример, спонтано и ненаметливо и децата ќе се вклучат во таквата семејна динамика учејќи по модел.
912