Воспитување

Како детето ги развива социјалните вештини преку групни активности?

За време на студиско патување и посета на образовните организации во Финска, кои се познати како најдобри во светот, ми беше кажано дека фокусот на нивниот образовен систем е поставен на развојот на социјалните вештини и самодовербата, како и учењето странски јазици.

Тие сметаат дека децата можат да го најдат своето место под сонцето каде било во светот и да бидат успешни во што и да прават, ако се вложува доволно во тие три категории и ако личноста доволно ги развила.

Социјалните вештини, вештините кои се толку важни за развојот на здрава, задоволна и исполнета личност, како и следствено здраво општество кое обезбедува развој на целосниот потенцијал на секој човек, се вештини со кои не се раѓаме, туку ги учиме. Развојот на социјалните вештини започнува уште од раното детство. Всушност, искрено кажано, ако родителите поседуваат добро развиени вештини, или некои од нив, во повеќето случаи ќе ги поседуваат и нивните деца.

Децата најпрво учат преку имитација на модели и преку нивната околина, па затоа би било важно родителите континуирано да работат на развивање на своите вештини кои сакаат да им ги пренесат и да ги имаат и нивните деца. Можеби треба да прашаме сите заедно, гледајќи го своето дете, каква личност сакаме да имаме пред себе за дваесет и нешто години за да можеме самите да почнеме да ги развиваме овие вештини.

Тоа не се случува веднаш

Добрата вест е дека учењето социјални вештини е процес. Тоа се научени форми на однесување, кои се менуваат преку интеракција со групи, со кои детето, а подоцна и возрасниот човек, доаѓа во контакт. Затоа е многу добро да се развиваат овие вештини кај децата преку структурирани групни активности.

Во детството, децата учат за важни животни вештини преку забава и игра, што е нивниот природен медиум. Играта обезбедува структура и предвидливост, ги одразува аспектите на реалниот живот и обезбедува вредни можности за учење. Покрај интеракцијата која детето природно ја постигнува, играта ни овозможува моменти во кои ние, како возрасни, можеме дополнително да развиеме одредени вештини на ненаметливи и забавни начини.

Како?

-Секогаш со свој пример.

-Со тоа што однапред ќе ги објавите чекорите во активноста и со навремено давање јасни инструкции во однос на сите чекори што следуваат за да избегнете прекин на активноста.

-Со постојано потсетување на сè што треба да се направи во планираната активност.

-Со пофалба на доброто однесување и успех, на начин на кој пофалбата е оправдана и реална.

-Со поттикнување на вниманието и враќање на активноста.

-Со постепено зголемување на правилата, во согласност со развојот на способностите на детето (како што детето се развива когнитивно и јазично, ќе може да следи поголем број правила во играта).

Семејството е безбедна средина за детето (или барем за повеќето деца би требало да биде), а тргнувањето во градинка, подоцна предучилишна установа и во училиште – е време на соочување со серија нови искуства и непознати ситуации, со кои детето првпат се среќава и низ кои расте. Тие први независни чекори и начинот на кој ние возрасните ги водиме низ нив се важни за нивниот понатамошен животен и развоен пат. Секој од нас го поминал ова и знае колку секое искуство го водело во подоцнежните животни избори.

Денес, повеќе од кога било – и детето и семејството, како и образовниот систем, се соочени со многубројни предизвици на новата, модерна ера. Затоа, поважно од кога било е да се развие отпорноста на децата, критичкото размислување, да се мотивираат за да се фокусираат на нивните силни страни и да се намалат факторите на ризик.

Развивањето на социјалните вештини навреме ќе ја намали потребата за третмани подоцна, децата ќе водат поквалитетен живот и ќе прераснат во ментално здрави возрасни луѓе, кои еден ден ќе можат активно да учествуваат во нивната заедница.

Мораме да ги научиме да одбираат

Ако сакаме да бидеме луѓе кои им помагаат на децата да развијат социјални вештини, мора да бидеме ангажирани околу детето, љубопитни за тоа како се гледа себеси и каква слика има за себе. Секогаш мора да бидеме свесни за тоа како нашите зборови и нашите постапки влијаат врз неговата слика за себе и да го прифатиме детето како единствена личност, каква што навистина е.

Важно е да му покажеме на детето дека може да греши во социјалните ситуации, а сепак да биде сакано и прифатено, бидејќи нема да зборуваме за него како грешка, туку за однесувањето кое го избрало по грешка или од незнаење. Важно е да се биде свесен дека детето во секој момент избира однесувања за кои мисли дека се најдобри во тој момент, а наше е да го научиме за однесувањата кои би можеле да бидат подобар избор за него, но и за неговата околина, во одредена ситуација.

Автор: Кристина Рибариќ/ магистер по социјална педагогија

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top