Воспитување

Како детето да научи да биде добар пријател?

Играњето со пријателите го потпомага емоционалниот развој на децата, а една од основните работи во дружењето со врсниците е учењето дека тие можат да гледаат на одредена работа или ситуација на многу начини. Преку пријателствата, децата развиваат помалку егоцентричен поглед на светот. Како што детето расте и ги развива своите социјални вештини, сосема е природно дека ќе има тешкотии да споделува и да се дружи.

Секое дете ги доживува овие предизвици додека расте! Сепак, постојат неколку работи што можете да ги направите како родител за да му помогнете на вашето дете да се дружи и уште поважно – да биде добар пријател.

Разговарајте за важноста на приспособувањето и споделувањето

Голем дел од учењето како да се биде добар пријател се сведува на учење да се споделува и да се прави компромис. Научете го вашето дете да биде приспособливо на различни ситуации. Можете да го направите тоа вежбајќи дома со вашето семејство. Истакнете ги моментите кога сте приспособливи во играта со вашето малечко. На пример, наместо едноставно да ги следите нивните упатства, можете да поставите барања.

Обидете се да кажете: „Сакам да користам виолетова топка.“ Во други случаи, можете да направите компромис, а потоа да нагласите дека сте биле флексибилни велејќи нешто како: „Во ред, се разбира, можам да се приспособам на твоите идеи и наместо тоа да ја користам зелената топка.“ Другпат, замолете го вашето дете да биде флексибилно. Можете да кажете: „Може ли овој пат да се приспособиш на моите желби и да играш со зелената топка за да можам да ја користам виолетовата?“ Истото важи и за споделувањето: замолете го вашето дете да ги сподели своите играчки со вас и помогнете му да ја практикува вештината.

Помогнете му да се справи со неочекуваните емоции

Кога станува збор за децата, работите никогаш не одат онака како што очекуваат родителите. Како и возрасните, и децата можат да имаат различни негативни чувства кога работите не одат според планот. Важно е како родители да покажеме разбирање и да ги потврдиме чувствата на детето, да се погрижиме да знае дека е во ред да го има тоа чувство и да му помогнеме да помине низ тие емоции на продуктивен начин.

Децата понекогаш може да реагираат сосема неочекувано со тоа што ќе се вознемират, па дури и ќе удираат или гризат. Ако детето се вознемири кога ќе се случи нешто неочекувано, прво потврдете ги неговите чувства, а потоа помогнете му да најде решение за проблемот. Решението може да биде дури и физички одмор и моментот на напуштање на пријателите – и тоа е исто така во ред.

Изберете неутрален терен

Запознајте се на неутрално место: понекогаш може да му биде тешко на вашето дете да прими други деца во својот простор и да ги сподели своите играчки. Обидете се да се најдете на неутрално место, како парк или музеј, ако вашето дете има проблеми со другите деца.

Однапред разговарајте за тоа како функционира споделувањето играчки: Ако сте домаќини на состанокот, разговарајте за споделувањето играчки пред да дојдат другите деца. Со помош на детето, одделете ги сите „посебни“ играчки што тоа не сака да ги дели. Ставете ги во плакар или некаде каде што другите деца не можат да им пристапат.

Научете ги да ги изразуваат чувствата и да поставуваат граници на љубезен начин

Важно е секое дете да научи дека е во ред да ги изразува своите чувства и да поставува граници со пријателите ако нешто не му се допаѓа. Сакаме да му помогнеме на детето да постави граници на љубезен начин. Ако друго дете прави нешто што му пречи, на пример, можеби премногу се зближува, можете да му помогнете на вашето дете да разговара за тоа со своите врсници и да им каже на кога нешто не му се допаѓа.

Научете ги да користат зборови како: „Не ми се допаѓа кога го правиш тоа. Те молам да престанеш“.

Исто така, добро е да го научите детето дека е во ред ако му треба пауза или неколку моменти за самостојно да игра. Ова е уште една одлична вештина за вежбање дома – особено со браќата и сестрите.

Пријателствата се едни од најпосебните врски што може да ги има една личност, а сето тоа започнува во детството. Во детството дознаваме што значи пријателство и како да се биде добар пријател. Запомнете, нормално е вашето дете да има проблем да споделува или да му е тешко да биде флексибилно во моментите кога ги стекнува првите пријатели. Водете го низ овој важен период, поддржете го и што е најважно, продолжете да играте.

Извор

Поврзани написи

To top